„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски е првиот македонски филм кој победил на фестивал од А-категорија!

t

Македонскиот режисер Милчо Манчевски освои една од најголемите меѓународни филмски награди откако неговиот нов филм „Сестра, брат и шахта“ ја доби главната награда „Tokyo Grand Prix“ на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио.

Со ова признание, филмот го постигна најголемиот успех на македонската кинематографија во последните три децении. Станува збор за прва победа на македонски филм на фестивал од А-категорија по триумфот на „Пред дождот“ во Венеција во 1994 година.

Наградата, позната и како награда на гувернерот на Токио, носи и паричен износ од 3 милиони јени, односно околу 1,04 милиони денари.

Светската премиера на филмот се одржа во официјалната натпреварувачка програма на фестивалот. На проекцијата присуствуваа Манчевски, актерите Сара Климоска и Филип Трајковиќ, како и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Жирито го награди филмот поради успешното преплетување на хуморот, драмата и трагедијата, како и сочувствителниот пристап кон ликовите и сложената приказна што истовремено трогнува и забавува.

„Сестра, брат и шахта“ е необична комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на општествените маргини. Приказната е сместена во современа Македонија, но отвора универзални прашања за човечките односи.

Ова е уште едно значајно признание за Манчевски во Азија. Тој беше првиот македонски режисер чиј филм бил прикажан во Јапонија, во 1995 година, а на фестивалот во Токио претходно учествувал и со „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.

View this post on Instagram

A post shared by SISTER BROTHER MANHOLE COVER СЕСТРА БРАТ ШАХТА (@sisterbrothermanholecover)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ