Случајот за убиството на Чарли Кирк во застој: Осомничениот бара одложување и ограничување на медиумите
Тајлер Робинсон, осомничен за убиството на Чарли Кирк, повторно се појави на суд во петокот, додека неговите адвокати бараат да се забранат медиумските камери и да се одложи прелиминарното рочиште закажано за следниот месец, неколку месеци откако наводно го убил конзервативниот лидер пред илјадници луѓе на Универзитетот „Јута Вали“ во Орем, Јута.
Неговите адвокати тврдат дека немале доволно време да ги разгледаат доказите и да се подготват, додека обвинителството смета дека одложувањето е непотребно и ги претстави четирите категории на докази. Одбраната исто така оцени дека присуството на камери ќе ја наруши можноста Робинсон да има фер судење, додека обвинителите го оспорија тоа.
По долгото рочиште, судијата на Четвртиот окружен суд во Јута, Тони Граф, не донесе одлука. Тој најави дека ќе се произнесе на 8 мај во 15 часот по локално време за тоа дали ќе бидат дозволени камери во судницата и дали ќе се одложи прелиминарното рочиште.
Робинсон кратко се насмевна по одлуката на судијата.
Граф се осврна и на забраната за јавни изјави, откако одбраната поднесе барање против двајца обвинители од округот Јута, обвинувајќи ги дека ја прекршиле судската наредба. Судијата предупреди дека прекршувањето може да донесе санкции – од парични казни до затвор или исклучување од случајот.
Робинсон пристигна во судот со оклопно возило и полициска придружба, додека 14 припадници на специјалните единици беа распоредени, а снајперисти зазедоа позиции на околните згради.
Неговите родители и други членови на семејството беа присутни и на моменти емотивни додека во судницата се прикажуваа медиумски прилози.
Адвокатот на одбраната, Ричард Новак, изјави дека рочиштето мора да се одложи бидејќи обвинителството не ги доставило клучните дигитални ДНК-податоци од федералните агенции. Тој оцени дека без тие податоци се нарушуваат уставните права на Робинсон.
Тој нагласи дека тие знаат дека податоците постојат, бидејќи има извештаи од федералните агенции уште од септември.
Во меѓувреме, обвинителот Рајан Мекбрајд зборуваше за „огромна планина од докази“ против Робинсон и оцени дека барањето за шестмесечно одложување е неоправдано. Тој ги наведе четирите клучни столба на доказите: видеонадзор, индиректни докази поврзани со оружјето, признанија и ДНК-докази.
Според него, снимките покажуваат Робинсон како оди со куцање и носи пушка скриена во облеката, а пронајдени се и муниции со исти ознаки на местото на нападот и во неговиот дом, како и повеќе писмени признанија.
Тој додаде дека ДНК-доказите од оружјето и алатка пронајдена во близина создаваат „астрономска веројатност“ што ги надминува законските критериуми.
Одбраната возврати дека доказниот материјал е огромен и дека не успеале да го обработат. Судијата, пак, постави прашање дали користењето форензички извештаи без целосни податоци ги исполнува високите стандарди во случаи каде е можна смртна казна.
Адвокатката Стејси Висер побара најмалку четири месеци за обработка на доказите, додека друга адвокатка истакна дека одбраната сè уште не го видела оружјето и нема пристап до телефонот на обвинетиот.
Одбраната повика и експерти кои предупредија дека медиумското покривање е сензационалистичко и може да влијае врз правичноста на судењето.
Обвинителството, пак, истакна дека постапката треба да биде јавна и транспарентна за да се зачува довербата на јавноста.
Робинсон е обвинет дека го застрелал Кирк за време на настан на организацијата „Турнинг поинт Ју-Ес-Еј“ во септември 2025 година. Според обвинението, тој се качил на покрив и испукал еден куршум од пушка, кој го погодил Кирк во вратот пред околу 3.000 луѓе, по што жртвата починала.
Снимки од надзор покажуваат како напаѓачот бега од местото на настанот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Случајот за убиството на Чарли Кирк во…
Тајлер Робинсон, осомничен за убиството на Чарли…
Нема докази дека Мартин Саздов и се…
Обвинителката Адела Бојчевиќ која го води предметот…
Стојанче имал кокаин и лекови за смирување…
Освен повредите на телото кои ги имала…
„Ги соочив Ивана и Саздов, ми рекоа…
Стојанче Јовановски, обвинет за три кривични дела…
Нови снимки во судницата: Стојанче ја удира…
Во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето против…