Сојузниците застанаа зад Зеленски пред разговорите со Трамп во Флорида
Во пресрет на денешната средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида, украинскиот претседател Володимир Зеленски доби јасни уверувања за поддршка од западните сојузници.
Зеленски во саботата одржа видеоконференциски разговори со лидерите на речиси десет европски држави и Канада, како и со високи претставници на Европската Унија и НАТО. Во разговорите учествуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кои порачаа дека европската поддршка за Украина ќе продолжи без двоумење.
„Ги поздравуваме сите напори за праведен и траен мир што го штити украинскиот суверенитет и територијален интегритет“, порача Фон дер Лајен, додавајќи дека зајакнувањето на украинската безбедност е составен дел од безбедноста на целиот европски континент. Таа најави дека Европската комисија и во 2026 година ќе продолжи со притисок врз Кремљ, ќе ја одржува поддршката за Украина и ќе работи на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.
Антонио Кошта истакна дека поддршката на ЕУ „нема да се повлече – ниту во војна, ниту во мир, ниту во обновата“, додавајќи дека Унијата е подготвена да воведе и дополнителни санкции против Русија доколку тоа биде потребно.
Поддршката беше потврдена и од германската влада, која соопшти дека европските лидери му ја изразиле на Зеленски „целосната поддршка“ и ја нагласиле подготвеноста за тесна координација со САД со цел постигнување одржлив и праведен мир. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, порача дека Европа мора целосно да биде вклучена во сите разговори што директно ја засегаат нејзината безбедност.
Средбата меѓу Зеленски и Трамп во Палм Бич, Флорида, е закажана за попладневните часови по локално време. Украинскиот претседател најави дека ќе ги истакне „црвените линии“ на Киев, нагласувајќи дека Украина нема да прифати капитулација или мир диктиран од Москва. Тој повтори дека безбедносните гаранции ќе бидат клучен елемент на секое примирје и најави дека ќе побара дополнителни противвоздушни системи за одбрана од руските напади.
Зеленски додаде дека Русија не учествува во разговорите во Флорида и дека мир не е можен без договор со Москва, но истовремено најави и разговори за идната обнова на Украина, за која, според него, ќе бидат потребни инвестиции до 800 милијарди долари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сојузниците застанаа зад Зеленски пред разговорите со…
Во пресрет на денешната средба со американскиот…
Сопругот на косовската претседателка предлага изградба на…
Сопругот на претседателката на Косово, Приндон Садриу,…
Путин по разговорот со Трамп одржа состанок…
Рускиот претседател Владимир Путин одржа состанок со…
Вучиќ му честиташе на Орбан за организирањето…
Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше по телефон…
Зеленски ќе се сретне со Трамп за…
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека…