Спејс Икс го покани бугарскиот пилот Николај Калајџиев да биде пилот на две мисии
„Мојот менаџер беше во Вашингтон, разговараше со централата на Спејс Икс, а специјално од Лос Анџелес дојдоа да нè гледаат. Беа толку импресионирани што следниот ден ни понудија да учествуваме во две мисии, не само како дел од екипажот, туку јас да бидам пилот на самата мисија. Тоа е огромно признание за мене и за мојот тим“, изјави бугарскиот пилот Николај Калајџиев за БТВ.
Неговата изјава доаѓа откако „Гинис“ официјално го призна неговото постигнување од 1.021 полетување и слетување за 14 часа и 28 минути. За Калајџиев ова е шести последователен светски рекорд.
„Пред три дена јас и мојот тим дознавме дека успеавме да направиме нешто за кое сите мислеа дека е невозможно. Испитавме огромна радост и Бугарија може да се гордее“, рече Калајџиев.
Тој откри дека притисокот бил огромен бидејќи до последната вечер имало многу детали што требало да се усогласат за да биде поставен светскиот рекорд.
„Дојдоа претставници на вселенската компанија Спејс Икс да нè набљудуваат. Покрај тоа, тимот работеше деноноќно повеќе од два и пол месеци. Сите мислеа дека веројатноста да стигнеме до крајниот резултат е помала од еден процент. Можете да замислите колкав беше притисокот“, раскажа пилотот.
Според него, ваков настан може да даде огромен поттик за развојот на Бугарија.
„За мене и мојот тим не е важно колку светски рекорди имаме, ниту колку полетувања и слетувања сме направиле. Поважно ни е самото послание – тоа е насочено кон децата и младите да веруваат повеќе во себе и смело да сонуваат. А возрасните да се замислат дали прават доволно за да ги остварат своите соништа“, рече Калајџиев.
Тој и неговиот тим планираат да стигнат до места до кои човештвото досега не достигнало.