ССМ најавува блокади и генерален штрајк по масовниот работнички протест

t

По еден од најмасовните работнички протести во последните години, одржан на 28 јануари под мотото „28 јануари е денот кога работниците зборуваат“, Сојузот на синдикатите на Македонија одржа прес-конференција на која најави радикализација на синдикалните активности.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов порача дека протестот испратил јасна порака дека „со мизерни плати веќе не може да се живее“ и дека барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и раст на сите плати за најмалку 6.000 денари, останува клучно барање на синдикатот.

Трендафилов информираше дека до ССМ стигнале бројни пријави за притисоци, закани и уцени врз работници со цел тие да не учествуваат на протестот. Како примери беа посочени настани во Македонска пошта и Тутунскиот комбинат Прилеп, каде, според синдикатот, раководни лица вршеле притисок врз вработените да не протестираат или да се исчленат од ССМ.

Претседателот на ССМ остро го критикуваше и дејствувањето на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), обвинувајќи дека дел од синдикалните структури застанале на страна на функционерите, а не на работниците. Според него, тврдењата дека платите веќе биле зголемени за 20 проценти не одговараат на реалната состојба на терен.

Во обраќањето беше упатена и директна порака до Владата, со обвинување дека протестот се обидува да се претстави како политички мотивиран, наместо како социјален. Трендафилов порача дека доколку навистина постои подготвеност за зголемување на платите за 40 проценти, тоа може да се реализира веднаш преку потпишување колективен договор.

Како следен чекор, ССМ најави блокади веќе од наредната недела, при што први на удар би можеле да се најдат пратениците, како симболична порака за, како што рече, едногодишното блокирање на законските решенија за платите. Дополнително, беше најавена и можност за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, кој би траел 24 часа и би бил организиран согласно законските процедури.

„Работниците веќе не се плашат и нема да молчат“, порача Трендафилов, додавајќи дека ова е само почеток на поширока синдикална борба за достоинствен живот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ССМ најавува блокади и генерален штрајк по…

По еден од најмасовните работнички протести во…

Масовен прекин на струја во Молдавија поради…

Молдавија денеска е погодена од масовни прекини…

Мицкоски можеби ќе појде во синдикатите в…

За премиерот немало проблем да отиде в…

(Видео) Граѓаните кои треба да платат данок…

Граѓаните кои треба да платат данок за…