СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ОДНОВО АЛАРМИРААТ ЗА ГОЛЕМО НАМАЛУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО МАКЕДОНИЈА: И камбаните бијат за белата чума!

t

Во првите три месеци од годинава, населението во земјава се намалило за 1.962 лица, а за последните три години 14.500 луѓе, велат најновите алармантни статистички податоци за бројот на населението во Македонија. Бројките кои денеска ги соопштија ДЗС и „Евростат“ покажуваат дека продолжува трендот од минатите години со интензивно намалување на бројот на населението. Ова веќе предизвика сериозна загриженост кај државните власти, а вчера и македонските владици од Светиот синод на МПЦ-ОА решија на свој начин да помогнат да се ублажат сè потешките последици на долготрајната демографска криза во земјава.

Според податоците на ДЗС, само во првите три месеци од годинава, бројот на жителите во земјава е намален за цели 1.962 лица, како резултат на поголем број умирачки отколку раѓања.

–Во овој период, бројот на живородените деца изнесува 3.380 и е за 4,1 процент помал во споредба со истиот период од лани. Бројот на умрените лица во првото тримесечје, пак, изнесува 5.342 лица, а од нив 9 се умрени доенчиња. Прирастот е негативен во дури 66 општини во земјава – се наведува во статистичките податоци.

Само во 14 општини позитивен тренд

Излегува дека од вкупно 80 општини во земјава, само во 14 од нив имало поголем број новороденчиња отколку умрени лица. Ова е ново влошување на демографските движења на нивните подрачја бидејќи во минатата година, како што неодамна објави весникот ВЕЧЕР, негативниот прираст бил забележан кај 18 општини. Податоците на ДЗС, како за лани, така и за 2024 и 2023 година, покажуваат дека најзагрозени се општините Битола, Прилеп, Охрид, Кисела Вода, Штип, Велес, Кочани, Куманово, Свети Николе, Радовиш, Делчево, Кавадарци… Инаку, статистичките податоци покажуваат дека во земјава, во минатата 2025 година, вкупното население се намалило за 4.381 лице како резултат на фактот дека во породилиштата во земјава на свет дошле рекордно мал број бебиња – само 15.531, а имало 19.921 умрено лице. Со негативниот тренд забележан во првото тримесечје стануваат оправдани стравувањата дека на крајот од оваа година, населението, пак, може да се намали за повеќе од 4.000 жители. Практично, и годинава може да „исчезне“ цел еден град во земјава со големина, на пример, на општините Демир Капија, Карбинци или, пак, на општина Зелениково…

Податоците на „Евростат“, кои се однесуваат на европските земји, вчера открија дека вкупното население во Македонија, во последните три години се намалило за цели 14.500 луѓе, односно, како да ја снемало струмичката општина Босилево. Така, ако во 2022 година во земјава имало 1.837.114 жители, во 2025 година се 1.822.612! Доколку е за некоја утеха, податоците на „Евростат“ покажуваат прогнози со кои населението во европските земји ќе се намали за цели 53 милиони до 2100 година. Односно, од прогнозираните 453,3 милиони во 2029 година, на 398,8 милиони.

Сè уште се чекаат стратегија и конкретни мерки

Неповолните демографски трендови веќе одамна запалија црвени светла и кај македонските државни власти. Неодамна, под покровителството на Владата и во соработка со Обединети нации, во Скопје се одржа Регионалната министерска конференција посветена на демографските движења. На неа, премиерот Христијан Мицкоски најави нова државна Стратегија за демографска отпорност 2026 – 2046.

– Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Таа нема да биде формален документ што ќе остане на хартија, туку национална рамка за иднината на државата – рече Мицкоски.

Тој пред два месеца најави дека, од почеток на следната година, ќе стартува една од мерките за стимулирање на наталитетот во земјава, а која опфаќа ослободување на мајките од данокот. Се работи за поврат на средствата на мајката што ќе роди прво дете во една година, второ дете во две години и трето дете, сè додека највозрасното не стане полнолетно.

Вчера и Светиот синод на МПЦ-ОА донесе одлука за формирање посебен фонд од кој треба да се помагаат семејства со повеќе деца.

– Посебно внимание се обрна на оние показатели кои сведочат за демографската состојба кај македонскиот православен народ. Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства – се нагласи во соопштението по завчерашната седница.

Од МПЦ-ОА денеска не можеше да се добијат подетални информации околу овој фонд. Односно, на какви основи ќе функционира и на кои сè начини ќе се помагаат повеќедетните семејства. Според неофицијални сознанија, се работи само за првична идеја која допрва треба да се реализира и донесената одлука ќе претставува основа за тоа. Во основа, идејата е да се формира единствен и центален фонд при Архиепископијата во кој прво архиереите би донирале парични средства, а потоа и сите други лица кои се подготвени да помогнат. Идејата ја дал митрополитот Петар и таа била прифатена од страна на другите владици. На следната седница би требало да се подетално разработи.

По одделни епархии на МПЦ-ОА и досега постоеле одредени црковни хуманитарни организации за помагање на многудетни семејства и стимулирање на раѓањето на трето дете во семејствата. Но, нивната активност не заживеа во рамките на цела МПЦ-ОА и што значи дека пред македонските владици претстои нова задача. (Б. Ѓ.)

Помалку бракови, а повеќе разводи

Податоците на ДЗС покажуваат и дека во првиот квартал годинава се склучени 1.797 бракови и нивниот број е намален за 2,7 проценти во споредба со истиот период од 2025 година.

Истовремено, во овој период се регистрирани 494 разведени бракови, што претставува зголемување од 6,2 проценти во споредба со истиот период од минатата година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ОДНОВО АЛАРМИРААТ ЗА ГОЛЕМО НАМАЛУВАЊЕ…

Во првите три месеци од годинава, населението…

Радев смета на поддршката на Франција за…

Би ми било драго да видам Европа…

Иран соопшти дека нацрт-договорот со САД ќе…

Иранската државна телевизија соопшти дека Техеран добил…

Започна дестабилизацијата на времето: Пороен дожд, грмежи…

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево издаде…

Од денеска со „Б“ категорија може да…

Од денеска граѓаните кои имаат возачка дозвола…