Трамп пристигна во Кина: Изјавите за тоа дали ќе се разговара за војната во Иран му се спротивставени, но придружбата од тајкуни ветува дека во фокусот ќе биде трговијата
Пред да влезе во авион, Трамп најави дека долго ќе се разговара за Иран, за неколку минути подоцна да каже дека Иран нема да биде една од темите зашто „го имаме многу под контрола“. На списокот со бизнис-лидери што патуваат со Трамп се и Илон Маск, Тим Кук и Јенсен Хуанг. Администрацијата на Трамп се надева дека со оваа посета ќе почне процесот на формирање одбор за трговија со Кина, кој би можел да помогне во спречувањето на трговската војна
Придружуван од американските технолошки милијардери, претседателот Доналд Трамп во средата замина за Кина, во прва посета по без малку една деценија. Во тридневниот престој во Пекинг, до 15 мај, тој ќе се сретне со кинескиот претседател, Шји Џипинг, со кого, според експертите, покрај за прашањата за „црвените линии“ и трговијата, се очекува да се насочат разговорите и кон теми како што се климатските промени, борбата против дрогата и вештачката интелигенција.
Пред да тргне на пат, Трамп изјави дека нема да бара никаква помош од Кина за војната во Иран, зашто САД ќе ја добијат „на еден или на друг начин“. Неколку пати менувајќи го наративот, тој даде спротивставени сигнали за тоа дали воопшто ќе биде прашањето за Иран на маса.
– Ќе разговараме долго за тоа. Мислам дека тој беше релативно добар, да бидам искрен со вас – рече Трамп пред да се качи на „ер форс уан“.
Неколку минути подоцна, го смени курсот, па рече:
– Имаме многу работи за дискусија. Не би рекол дека Иран е една од нив, да бидам искрен со вас, бидејќи го имаме Иран многу под контрола.
Трамп сака да оствари победа во Пекинг со потпишување договори со Кина за купување повеќе американска храна и авиони, па затоа вели дека ќе разговара со кинескиот колега за трговијата „повеќе од сè друго“, пишува „Алџезира“. Оттаму и придружбата од бизнис-лидери. Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“, но и поранешен член на американската администрација, е само еден од истакнатите американски милијардери на патувањето во Кина, а на списокот со патници се и Тим Кук, кој официјално ќе се повлече од функцијата извршен директор на „Епл“ во септември, и Јенсен Хуанг, шеф на „Нвидија“, еден од најголемите набавувачи на чипови за вештачка интелигенција во светот. Администрацијата на Трамп се надева дека со оваа посета ќе почне процесот на формирање одбор за трговија со Кина за да се решат разликите меѓу земјите. Одборот би можел да помогне во спречувањето на трговската војна што се разгоре минатата година, откако Трамп ги зголеми царините.
Меѓу темите за разговор на двајцата претседатели се наѕира и статусот на Тајван, од кој САД имаат повеќе увоз отколку од Кина, можеби како главна тема, бидејќи Пекинг е незадоволен од американските планови за продажба на оружје на островот, кој го смета за дел од својата територија.
Трамп пристигна во Пекинг во средата попладне по тамошно време, а по церемонијалниот поздрав, замина во хотел. За четврток е предвиден државен банкет, а за петок работен ручек со Шји, по што ќе се врати во Вашингтон. Ова ќе бидат први лични разговори на лидерите на двете најголеми економии во светот по нивната средба на маргините од самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Бусан, Јужна Кореја, во октомври минатата година. Се очекува Шји да ги посети САД подоцна оваа година, за што Трамп коментираше дека дотогаш би сакал да биде завршена балската сала во Белата куќа, која се реконструира.
Посетата на американскиот претседател на Кина доаѓа по неколку дена откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја посети кинеската престолнина. И покрај тврдењето на Трамп дека не му е потребна помош од Кина, високи американски претставници вршат притисок врз Пекинг да го искористи своето влијание врз Техеран. Кина е најзначајниот купувач на нафта од Иран и одржува врски со Техеран во текот на целиот конфликт, додека во голема мера избегнува директно вклучување во него.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп пристигна во Кина: Изјавите за тоа…
Пред да влезе во авион, Трамп најави…
(Вознемирувачко фото) Заловените крави од Крива Паланка…
Не завршува приказната со познатите „крави од…
Цената на нафтата повторно расте: светските пазари…
Цената на нафтата и натаму бележи раст…
Мицкоски: Инфлацијата е два пати помала од…
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека не се…
Полицаец тешко повреден откако излетал со службен…
На 12.05.2026 во 12:05 часот во СВР…