Трајковски: Ѓубре имаме, визија немаме
Од сите можни начини за справување со комуналниот отпад (домашното ѓубре), ние упорно го избираме најнестручниот, најнеодговорниот и на долг рок најштетниот: трупање на депонија. Дури и денес, кога постоеше реална можност за вистински технолошки пресврт, властите повторно се одлучија за најлесното решение, односно одлагање на ѓубрето од десетина општини во општина Новаци, најверојатно во некаков напуштен отворен коп за јаглен од РЕК Битола. Ништо подобро не е ни во Скопје.
А можевме поинаку. Во ноември 2024 година, на конференција за енергетика во организација на Стопанската комора за енергетика, одржана во хотелот „Александар Палас“, две компании за циркуларна економија од Саудиска Арабија заеднички настапија и го претставија својот технолошки процес и бизнис модел за целосна преработка на комуналниот отпад. Барањето до нашите власти беше минимално – само десет хектари земјиште за изградба на фабрика, како и континуирано снабдување со доволни количини ѓубре.
Технолошкиот концепт беше јасен и целосен. Сè што може да се рециклира – хартија, пластика, метал – се преработува и продава. Од електронскиот отпад се издвојуваат ретки метали, вклучително и злато. Органскиот дел се користи за производство на биогас, кој напојува гасна електрана. Остатокот се согорува на високи температури, а од сувиот остаточен материјал се добива агрегат сличен на чакал, употреблив за изградба на патишта. На депонија, практично, не завршува ништо. Инвеститорите би заработиле, а ние бесплатно би се ослободиле од ѓубрето.
На истата конференција беше присутен и претставник на Министерството за енергетика, како и излагач од Министерството за надворешни работи. Првиот излезе на говорница, го поздрави собирот и ги повтори вообичаените фрази за плановите и „успесите“ на Владата. Но, очигледно, суштината на предавањето или не ја слушнал, или целосно ја преспал. Можеби, пак, толку разбирал англиски. По коктел-паузата си замина со службениот возач. Уште еден настан формално посетен, уште една ставка штиклирана во дневниот распоред, уште еден „успех“ за Владата.
Одамна престанав да се чудам зошто како држава тапкаме во место. Но понекогаш, дури и кога немаме сопствена визија, би било доволно барем да застанеме, да ги послушаме успешните, да признаеме дека постојат решенија и дека може поинаку. Примерите на Шведска (99% рециклиран отпад), Холандија (помалку од 3% депониран отпад), Германија, Австрија и Швајцарија (забрана за депонирање непреработен отпад) би требало да ни бидат водилка барем за нови проекти.
Наместо тоа, продолжуваме со нашите варварски методи за трупање ѓубре на депонија и ја закопуваме шансата за нешто подобро. Во Македонија избраното решение секогаш е најлошото од можните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трајковски: Ѓубре имаме, визија немаме
Од сите можни начини за справување со…
Секој македонски граѓанин изминатата година создал по…
Минатата година во земјава биле собрани вкупно…
Бугарија е лидер во ЕУ во собирањето…
Бугарија се покажува како лидер во ЕУ…
Шукова: Селекцијата на отпадот од домаќинствата ќе…
Каја Шукова, кандидатка за Градоначалничка на Скопје…
Сопствениците на отпадот што гореше во Визбегово…
Двајцата сопственици подолг временски период нелегално и…