Фатени ратраци без дозвола за превоз на скијачи во НП „Шар Планина“
Националниот парк „Шар Планина“ информира дека при теренски контроли на државен имот е утврдено нелегално вршење превоз на скијачи со ратраци, спротивно на важечката законска регулатива и правилата за заштита на природните вредности на паркот.
Од управата на паркот посочуваат дека операторот кој ја вршел дејноста немал склучено договор или спогодба со институцијата, како што е предвидено со Одлуката за режим на движење со моторни возила на територијата на Националниот парк „Шар Планина“ и со Планот за управување со паркот.
„При теренските контроли, на државен имот, беше констатирано вршење дејност скијање со пет ратраци од страна на оператор кој нема склучено соодветен договор. Како директен резултат на контролите, веднаш беше изречена забрана за движење на ратраците на операторите кои не ги исполнуваат законските услови“, соопштија од ЈУ НП „Шар Планина“.
Од Националниот парк наведуваат и дека вработените биле попречувани во извршувањето на службените задачи.
„За време на контролите, вработените беа попречени од операторот со движењето на ратраците, со што беше оневозможено спроведувањето на законските обврски. Ваквото однесување создаде директен ризик за животот и безбедноста на вработените и го наруши нормалното функционирање на институцијата“, наведуваат од паркот.
По настанот, како што информираат, ќе биде поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи и до Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање.
Од Националниот парк потсетуваат дека превозот и скијањето со ратраци е дозволено исклучиво во зони за активно управување, надвор од зоните со строга заштита и само доколку постои целосна усогласеност со законските и договорните обврски.
„Со договорниот однос се воспоставува јасен режим на движење, надзор и одговорност на операторите, со цел да се намали влијанието на моторизираните активности врз чувствителните живеалишта, да се зачува биодиверзитетот и еколошката рамнотежа на паркот“, додаваат од НП „Шар Планина“.
Ренџерската служба на Националниот парк, како што најавуваат, ќе продолжи со интензивни теренски контроли и ќе презема законски мерки за секоја утврдена повреда.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фатени ратраци без дозвола за превоз на…
Националниот парк „Шар Планина“ информира дека при…
Скијачи формираа срце во спомен на жртвите…
Стотици скијачи се собраа на снежна падина…
Пет скијачи пронајдени мртви на планина во…
Тела на пет скијачи беа пронајдени вчера…
ЦУК: Шест изгубени скијачи на Попова Шапка…
Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи…
Изгоре цела планина, а Мицкоски промовира проекти…
Крајно неодговорна и бесчуствителна е денешната изјава…