ФЗО: Боледувањето не се скратува, матичниот лекар и натаму одлучува до 15 дена
Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на денешното продолжение на 33. седница едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.
Од ФЗО нагласуваат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба.
„Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот. Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета“, информираат од ФЗО.
Од Фондот додаваат дека со новите правила се воведуваат и повеќе олеснувања за пациентите и матичните лекари.
За дел од дијагнозите повеќе нема да биде потребно пациентите да се упатуваат на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. Кај одредени дијагнози се проширува и временската рамка предвидена со критериумите.
По 15-тиот ден, предлогот за привремена спреченост за работа матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.
Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, како и кај лица на болничко лекување.
Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди доколку сè уште се во предвидениот период на важност, без потреба од повторување на истите испитувања.
Со измените се прецизираат и условите за ретроактивно утврдување боледување, се предвидуваат олеснувања за бремени жени и доилки во однос на радиодијагностичките испитувања, а кај одредени тешки заболувања ќе има исклучоци од обврската за конзилијарно мислење при боледувања подолги од 60 дена.
„Новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година. Целта е тие да се усогласат со современите можности на медицината и дијагностиката, но истовремено да се отстранат административните постапки што непотребно ги оптоваруваат пациентите и лекарите“, велат од ФЗО.
Од Фондот додаваат дека целта на измените е да се воспостават современи и медицински оправдани критериуми, да се олеснат процедурите за пациентите и лекарите и да се обезбеди секој осигуреник да го оствари правото на боледување кога неговата здравствена состојба тоа го бара.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ФЗО: Боледувањето не се скратува, матичниот лекар…
Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување…
Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен и во…
Имаме стабилен пензиски систем и во таа…
Повторно нападната малолетничка во Аеродром, друга снимала
Во СВР Скопје е пријавено дека малолетничка…
Пријавена втора смрт во болница под карантин…
Медиумски наводи за втор починат пациент во…
Фон дер Лајен по нападот врз Бугарија:…
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…