Хакерски напад врз шефот на италијанската дипломатија поради поддршката за Украина
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, во саботата соопшти дека е цел на хакерски напади поради поддршката што Италија ѝ ја дава на Украина.
Во објава на социјалните мрежи, Тајани наведе дека во изминатите неколку дена „сајбер-криминалци“ објавувале негови лични податоци на таканаречениот дарк веб.
Според него, хакерите се обидувале да дојдат до дополнителни информации, со што го изложиле на нови закани и заплашувања, а мета било и неговото семејство.
„Нашиот став за Украина е политичката причина поради која сум цел на нападите. За овие криминални организации, одбраната на слободата на една суверена држава и јасното застанување во одбрана на демократијата и независноста на една земја претставуваат опасност“, напиша Тајани.
Поддршка за министерот изрази и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Таа оцени дека продажбата на доверливи информации за јавни функционери е сериозен повод за загриженост и дека против ваквите активности мора да се дејствува со најголема решителност.
Во меѓувреме, сајбер-напад потврди и компанијата задолжена за изградбата на железничкиот тунел „Бренер“, проект што треба да обезбеди железничка врска долга 55 километри меѓу Инсбрук во Австрија и Фортеца во Италија.
Компанијата ББТ СЕ соопшти дека нападот се случил на 17 октомври. По инцидентот, веднаш биле активирани безбедносните протоколи, погодените системи биле изолирани, а биле ангажирани и надворешни експерти за анализа на нападот.
Според првичните информации, хакерите дошле до податоци што не биле јавно достапни, преку пристап до интернет-мрежата на компанијата.
Весникот „Тиролер Тагесцајтунг“, кој прв ја објави информацијата за нападот, наведува дека првичната истрага упатува на можна вмешаност на хакерската група „Еверест“, за која се тврди дека има проруски ставови.