Ангелов: Одбранети неколку манастири, сѐ уште активен пожарот кај Чаниште – не загрозува некое село

t

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, преку видеоизјава истакна дека сѐ уште е активен пожарот кај прилепското село Чаниште. Тој не очекува пожарот да го загрози ова или некое друго село.

– Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште во прилепскиот дел од Мариово сѐ уште е активен, но во овој момент не го загрозува селото Чаниште ниту, пак, загрозува друго село затоа што пред селото Крушевица, кое е наредното село зад мене, е поставена добра одбрана и не очекувам дека воопшто огнот ќе стигне до ова село, но и во случај доколку дојде, тој ќе биде сопрен затоа што во текот на ноќта го пресековме неколкупати. Во овој момент нема активен крак што се движи кон селото Крушевица, што не значи дека состојбата нема да се смени – вели директорот на ДЗС.

Посочува дека во битолското село Орле има еден крак со кој се борат битолските пожарникари и ангажиран е тежок булдожер, кој прави противпожарен пресек.

– Од оваа страна, од страната на Чаниште и Крушевица, работат прилепските пожарникари со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата – огнените тимови со четири „пинцгауери“, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница, кои исто така дадоа извонредни резултати. Повеќето од краците се испресечени. Ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината. Како што може да се види зад мене, имаме на едно место столб, на друго место, но немаме непрекината линија на горење. Голема работа ни заврши полицискиот хеликоптер, кој помогна да изгаснеме дел од сртот на кој не успеавме да поминеме со „пинцгауерите“, така што генерално состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во кој било момент – нагласи тој.

Ангелов посочи дека Дирекцијата има контрола од аспект на загрозеност на населените места.

– Одбранивме неколку манастири, неколку трла, еден пчеларник, но не успеваме насекаде да стасаме. Во селото зад мене не е изгорена ниедна куќа во која живеат луѓе. Огнот зафати повеќе стари и напуштени куќи, можеби пред 50 или пред 30 години. Проверуваме дали е изгорена куќа што некој ја користел повремено, во смисла викендичка. Но, дополнително ќе ги добиеме тие информации. Овде беше и градоначалникот на општина Прилеп. Доколку на локалното население му е потребна поддршка, Општината стои на располагање. Воедно, Општината дава логистика на сите сили што учествуваат во гаснењето на овој пожар – вели тој.

Ангелов информира дека трите „ер трактори“ на Дирекцијата дејствуваат и верува дека ќе прекинат една линија на огнот. Посочи дека гаснењето на пожарот продолжува и во текот на утрешниот ден со примарна цел целосна одбрана на сите населени места.

Апелира сопствениците на куќи и викендички во полунапуштените села задржително да ги изораат или ископаат дворовите за да создадат земјен заштитен појас без вегетација бидејќи земјата не гори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ангелов: Одбранети неколку манастири, сѐ уште активен…

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување…

Ангелов: Велешките пожарникари заштитија две села од…

Во овој момент активен е пожарот, кој…

Регистрирани 27 пожари: Активни шест, еден под…

На територија на државата активни се шест…

Избувнаа уште четири пожари кај Задар

Надлежните служби соопштија дека пожарникарите во текот…

„Ертракторите“ цел дел гаснат над Рамни Габер,…

Состојбата со пожари на отворен простор денеска…