Бугарската опозиција бара оставка од шефот на ДАНС поради наводен притисок врз Ива Михајлова
Пратеничката група на „Демократска Бугарија“ бара оставка од директорот на бугарската Служба за државна безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, поради наводите дека службата вршела притисок врз Ива Михајлова, македонска државјанка со бугарски пасош. Според обвинувањата, на Михајлова ѝ се заканувале дека ќе остане без рехабилитација и државна заштита доколку одбие да даде интервју за новинарот Мартин Карбовски.
Пратеничката од Демократската партија, Елисавета Белобрадова, во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) посочи дека информациите за наводниот притисок се засноваат на сведочењето на самата Михајлова.
„Сите информации се темелат на сопствените зборови на Ива Михајлова. Таа била принудена со закани дека ќе ѝ биде одземена рехабилитацијата, ќе ја изгуби заштитата и државата ќе ја напушти доколку не оди на интервју кај провладиниот новинар Мартин Карбовски“, изјави Белобрадова.
Според неа, Михајлова била предупредена дека доколку не го даде првото интервју токму за Карбовски, другите интервјуа ќе бидат избришани и таа ќе остане без потребната поддршка.
За случајот претходно алармираше и копретседателот на „Демократска Бугарија“, Божидар Божанов, преку објава на Фејсбук. Тој тврдеше дека ДАНС ја малтретира Михајлова и ја принудува да даде интервју за конкретен новинар, со закани дека во спротивно ќе ѝ биде попречена рехабилитацијата и ќе се соочи со дополнителни проблеми.
Божанов побара оставка од Пламен Тончев и реорганизација на Службата за државна безбедност, оценувајќи дека случајот отвора сериозни прашања за нејзиното работење. Тој побара и објаснувања од владејачката партија за нејзините врски со новинарот Карбовски.
„Ива Михајлова е храбра Бугарка која ќе добие лекување и иднина во Бугарија. Ниеден полицаец нема право да ја прислушкува, следи, да ѝ се заканува и да ја малтретира“, порача Божанов.
Реакција за случајот имаше и од Ивајло Мирчев, кој најави дека ќе бидат проверени сите околности поврзани со наводното влијание на безбедносните служби врз Михајлова.
Тој посочи дека треба да се истражат активностите на Агенцијата за национална безбедност, како и на другите структури на бугарските специјални служби, но и евентуалната вмешаност на политичари и лица од владејачката партија.
Мирчев најави дека ќе се проверува и можна поврзаност меѓу контраразузнавачките структури и новинари за кои тврди дека шират руска пропаганда.
Паралелно со случувањата во Бугарија, во тек е и истрагата во Северна Македонија за начинот на кој Михајлова ја напуштила земјата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека засега нема индиции за одговорност на граничната полиција или на полицијата во Кочани во врска со нејзиното заминување.
Според Тошковски, Михајлова не ја напуштила државата преку официјално евидентиран излез, односно не била регистрирана во системите на Северна Македонија во текот на 2026 година. Информациите добиени од бугарската гранична полиција, како што посочи, покажуваат дека таа официјално не влегла во Бугарија во истиот период.
Министерот додаде дека безбедносните камери на граничните премини и на патните правци не ја регистрирале ниту Михајлова ниту нејзиниот адвокат во периодот од вечерта кога таа била видена во угостителски објект во Кочани до 12 октомври, кога се појавила во бугарските медиуми. Истрагата за нејзиното заминување од земјата сè уште е во тек.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарската опозиција бара оставка од шефот на…
Пратеничката група на „Демократска Бугарија“ бара оставка…
Кочанец ѝ се заканувал на делчевка по…
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднела…
Хорор во Охрид: Ја тепал девојката до…
Ужас го потресе Охрид, откако триесет и…
По снимките во кои зборува за притисок…
Ива Михаилова денеска преку Фејсбук порача дека…
Женска тепачка кај Бит Пазар – скопјанка…
МВР информира дека доцна синоќа во 22:20…