(Видео) Левица започнува соработка со реформаторите во СДСМ – Мециновиќ: Раководството на СДСМ покажа дека нема намера да се бори против ВМРО-ДПМНЕ

t

Амар Мециновиќ пратеник и портпарол на Левица, денеска во изјава за медиумите објасни зошто прифатиле да учествуваат на настан организиран од платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, откако неговата партија позилтивно одговори на поканата од „Платформата 12:05“.

Тој посочи дека како опозициска партија, Левица има одговорност да разговара со различни опозициски елементи во општеството, во услови на економско деградирање и крајна неказнивост меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека за нас како Левица времето е созреано да продолжиме да разговараме со сите опозициски елементи во општеството, да се обидеме да пронајдеме заеднички јазик затоа што сметаме дека сега е време да се направи рез. Фокусот на денешната трибина е што ни се случувало во изминатите 35 години. Но, како претставници на една нова политичка генерација, нас не нè интересираат и наредните 35 години. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас. Во моментот кога сите ние заедно како општество ќе одлучиме дека следните 35 години мора да бидат поинакви, тогаш може да започне и нивното поинакво градење. Македонија е уништувана ден по ден и затоа ден по ден мора повторно да се гради“, рече Мециновиќ.

Додаде и дека Левица има позиции што го застапуваат македонскиот работник, особено во услови кога, како што смета тој, „десничарската влада на ДПМНЕ спроведува политики на штета на работникот и обичниот човек“.

На прашањето дали Левица очекува реакции од СДСМ поради присуството на трибината, Мециновиќ одговори дека СДСМ претставува колосално разочарување за македонските граѓани во изминатите три децении.
„Триесет години се претставува како антипод на ДПМНЕ, но јасно е дека неказнивоста помеѓу ДПМНЕ и СДСМ е единственото универзално правило кое го имаме во Македонија. Во Македонија не функционира ништо како што треба да функционира, единственото нешто што функционира е повторно и повторно да имаме неказнивост помеѓу раководствата на ДПМНЕ и СДСМ. Ние како Левица имаме одговорност пред граѓаните, а не пред СДСМ“, потенцираше тој.

Мециновиќ посочи и дека Левица е парламентарна партија со јасни позиции и сопствен политички легитимитет, поради што има обврска да разговара со различни опозициски елементи за потенцијално мобилизирање на одговор против актуелната власт.

„Проблемот е што ова настанува откако е веќе јасно дека СДСМ нема намера да се бори против раководството на оваа власт“, рече тој.

Како примери ги посочи локалните избори од минатата година, за кои тврди дека Струмица му била „подарена“ на ДПМНЕ, како и вториот круг за Град Скопје, кога постоела можност да се создаде сериозен опозициски притисок врз ДПМНЕ, но СДСМ не застанал зад таквата борба.

Според него, разговорите со платформата 12.05 не претставуваат изолиран политички настан, туку дел од поширок процес на комуникација со различни политички и општествени чинители.

„Левица ќе продолжи да разговара со различни опозициски и независни општествени чинители, без отстапување од своите политички и идеолошки позиции, со цел да се отвори простор за организиран и суштински политички одговор на актуелната власт“, вели Мециновиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Левица започнува соработка со реформаторите во…

Амар Мециновиќ пратеник и портпарол на Левица,…

(Видео) Уапсен 62-годишен тетовец по сомнение за…

По видео објавено на социјалните мрежи, 62-годишен…

Најмалку 151 руски и осомничени руски хибридни…

Пожари во магацини, експлозивни пакети во курирски…

НАПАДНАТ 13-ГОДИШНИК ВО СКОПЈЕ: Родител на негов…

13-годишно момче од Скопје било донесено со…

Голема утеха од Брисел: Напредокот ѝ е…

Напредокот ѝ е потребен на Македонија пред…