(Видео) Телото на Ратко Младиќ пречекано со воени почести, чешки европратеник бара од Кос да ја разгледа можноста за прекин на пристапните преговори со Србија
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ќе биде погребан на Топчидерските гробишта во Белград, покрај својата ќерка Ана, чија трагична смрт со децении е обвиена со мистерија. Комеморацијата ќе се одржи во сабота, на 5 септември, во Домот на војската во Белград, додека погребот е закажан за понеделник, 7 септември.
Српскиот претседател Александар Вучиќ особено го нагласи безбедносниот аспект на погребот, на кој, според процените на српските безбедносни служби, се очекуваат десетици илјади луѓе.
„Исклучително тешко ќе биде да се обезбеди настанот и на сите да им се гарантира безбедноста. Тоа ќе биде многу важно, бидејќи процените на Безбедносно-информативната агенција, Военобезбедносната агенција, Военоразузнавачката агенција и Министерството за внатрешни работи говорат за десетици илјади присутни“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека самата локација на гробиштата претставува голем предизвик за надлежните служби.
„Мораме да ги обезбедиме сите, бидејќи местото на кое ќе се одржи погребот е исклучително тешко за нашите служби. Ќе ги употребиме сите расположливи сили за да им ја гарантираме безбедноста на граѓаните“, рече Вучиќ.
Српските медиуми објавија дека посмртните останки ги презел синот на Младиќ, Дарко, во придружба на двајца подофицери.
На прашањето дали семејството имало посебни барања, Вучиќ одговори дека не е негово да зборува за тоа и најави дека семејството ќе ја информира јавноста.
„Верувам дека синот Дарко во следните часови и денови ќе ве запознае со плановите и желбите на семејството. Ние ќе обезбедиме секаков вид логистичка и транспортна поддршка и ќе се погрижиме за зачувување на јавниот ред, мирот и безбедноста“, изјави тој.
Телото на Младиќ пречекано со највисоки почести
Телото на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград било пречекано со највисоки воени почести. На фотографиите објавени од српските медиуми се гледа дека ковчегот е покриен со знамињата на Србија и на Република Српска.
Ова го изјави и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ – дека Младиќ ќе биде погребан во Србија со највисоки државни почести.
Поради величањето и оддавањето почести на Младиќ, во изминатите денови до Србија пристигнаа остри предупредувања од највисоките европски претставници.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека Ратко Младиќ е правосилно осуден воен злосторник, кој издржуваше доживотна затворска казна за геноцидот во Сребреница и за злосторства против човештвото.
„Величањето на воениот злосторник Ратко Младиќ е спротивно на основните европски вредности и за тоа нема место ниту во Европската Унија, ниту во земјите што се стремат да станат нејзини членки. Се надевам дека Владата во Белград е свесна што ризикува“, порача Кос.
Чешкиот европратеник Ондржеј Колар, пак, најави дека од Марта Кос ќе побара да ја разгледа можноста за прекин на пристапните преговори со Србија поради величањето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Телото на Ратко Младиќ пречекано со…
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ќе биде…
Зеленски ги очекува пратениците на Трамп во…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека…
Санчез: Нема докази дека Мароко бил вмешан…
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска во Парлментот…
Албанија го забрани увозот на месо од…
Албанија официјално го забрани увозот на месо…
АХВ: Западнонилска треска потврдена кај три угинати…
Во периодот од 24 до 27 август…