Владата по скратена постапка ќе ја испрати техничката влада во историја
Владата по скратена постапка и без консензус од опозициските СДСМ и ДУИ реши да ја укине пржинската влада. Министерот за јавна администрација Горан Минчев веќе го пуштил во собраниска процедура Предлог-законот за изменување на Законот за Влада. Тоа ќе значи дека пржинската влада да важи уште за следните редовни парламентарни избори во 2028 година или за евентуални предвремени избори дотогаш, а на изборите по нив т.н. техничката влада да замине во историјата.
Укинувањето на пржинската влада беше една од главните теми на лидерската средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски, која претседателот на СДСМ Венко Филипче ја бојкотираше. Филипче потоа го отфрли предлогот да се укине техничката влада, додека лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека за тоа прашање треба да се консултира со меѓународните пријатели од ЕУ и од СДСМ, со чија помош во 2015 година се воведе пржинската влада.
Со измените на Законот за Влада за укинување на пржинската влада, битен е членот 14 во кој се вели дека „во Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија (‘Службен весник на Република Македонија’ бр. 140/18), во членот 4 запирката и зборовите ‘а ќе се применува до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија’ се бришат“. Ова значи дека пржинската влада ќе функционира уште на следните избори, без оглед дали тие ќе бидат редовни или предвремени и дека по нив изборите ќе ги организира политичка влада.
Со измените се дефинираат министерствата каде што опозицијата ќе има свои министри и дополнителни заменици министри во пржинската влада поради усогласување со Законот за организација на Владата. Опозицијата ќе има министер за внатрешни работи и министер за социјална политика, демографија и млади. Опозицијата ќе има и дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделие и јавна администрација.
Во образложението на измените на Законот се наведува дека преодната, односно техничката влада за спроведување избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел, односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше за цел обезбедување консензус за организирање и спроведување изборни процеси. Ваквиот модел произлезе од политички договори постигнати во 2015 година и за првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.
Иако преодната влада за спроведување избори на пратеници во Собранието во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана.
– Формирањето на ваков тип влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето. Истовремено, заради доследно применување на законските одредби што ја уредуваат оваа област, значителни буџетски средства се издвојуваат за плати, надоместоци, административна и логистичка поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал оваа финансиска оптовареност. Во услови кога политичките партии се насочени кон унапредување на изборната правна рамка, преку јакнење на надзорот на изборниот процес, независните институции и воспоставување јасни и ефикасни механизми за контрола и санкционирање на евентуални злоупотреби за време на изборниот процес, се создаваат услови за елиминирање на објективните причини поради кои беше воспоставен моделот на преодна влада. Оттука, предложеното законско решение со одложена примена има за цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи – пишува во текстот на Предлог-законот.
Измените се предлагаат заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието. Со овој Предлог-закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка, која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата по скратена постапка ќе ја испрати…
Владата по скратена постапка и без консензус…
Владата ги продолжи мерките за горивата до…
Владата на денешната седница, разгледувајќи ја актуелната…
(Видео) 25 години државата се изживува со…
25 години државата се изживува со стопроцентен…
Левица: Владата да воведе данок на екстра…
Владата да воведе данок на екстра профит…
Филипче испрати писма до ЕУ, вели дека…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во името…