Гоце Наумовски и формално не е повеќе уставен судија, Собранието му ја констатира оставката

t

Професорот Гоце Наумовски и формално повеќе не е судија на Уставниот суд откако Собранието пред почетокот на денешната седница ја констатираше неотповикливата оставка што тој си ја поднесе по само пет месеци од изборот на функцијата.

Оставката ја констатира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој го започна 115. пленарно заседание на законодавниот дом, со известување до пратениците за оставката на судијата Наумовски.

Иако според ставот 1 од членот 121 од Деловникот на Собранието, уставниот судија имаше можност да ја образложи оставката пред пратениците, тој не дојде во парламентот.

„Бидејќи сум известен дека судијата на Уставниот суд Гоце Наумовски нема да ја образложи оставката на седницата на Собранието, констатирам дека согласно член 121 став 2 од Деловникот на Собранието, на д-р Гоце Наумовски му престанува функцијата судија на Уставниот суд на Република Македонија“,рече пратеникот и потпретседател на законодавниот дом Антонијо Милошоски.

Наумовски неотповикливата оставка си ја поднесе во четвртокот минатата недела (16 јули), а во неа, како образложение, кусо напиша дека на ваквиот чекор се решил од лични и професионални причини.

Неговата оставка, која инаку за кратко време е втора што од функцијата судија на Уставниот суд ја ја поднесува професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), дојде ненадејно, а за неа не беше известен ниту Судот. Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, за оставката на својот колега дознал од во телефонски разговор со претседателот на Собранието Африм Гаши.

Претходно, во декември минатата година оставка си поднесе професорката на Правниот факултет при УКИМ, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која за уставна судијка беше избрана две години претходно, односно во декември 2023 година. Таа наведе дека од функцијата се повлекува поради здравствени и лични причини.

На нејзино место во февруари оваа година беше избран нејзиниот колега од Правен, Гоце Наумовски, како предлог на владејачкото мнозинство. Инаку, пред да биде избран за уставен судија тој беше еден од надворешните соработници на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Д-р Гоце Наумовски е брат на ексвицепрeмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гоце Наумовски и формално не е повеќе…

Професорот Гоце Наумовски и формално повеќе не…

Русија тврди дека украински дрон погодил автобус,…

Русија денеска ја обвини Украина дека со…

Почнува да се смирува состојбата во Гостивар:…

Министерството за здравство информира дека се забележува…

Советот на Општина Гостивар ќе му додели…

Советот на Општина Гостивар едногласно донесе одлука…

Иран изврши нови напади врз Кувајт и…

Иран попладнево изврши нови напади врз Кувајт,…