Го чека ли Максим Димитриевски затворска казна?!

Две кумановски компании минатата година поднесоа кривична пријава против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службената положба и овластување. Предметот е во завршна фаза, односно последното рочиште требаше да се одржи на 02.06.2025 година, меѓутоа беше одложено за 27.06.2025 година поради отсуство на обвинетиот.
Кумановските фирми „Делукс ауто“ и „Хромак“ тврдат дека претрпеле штета од 55.000 евра, а сега ќе видите и зошто.
Во декември 2021 година на предлог на градоначалникот, Советот на Општина Куманово го донесува Деталниот урбанистички план број 21-5477/2 согласно кој ДУП е предвидено на дел од истиот да се изгради станбено-деловен објект. Компаниите кои му поднесоа кривична пријава на Димитриевски се заинтересирани за една парцела, дел од овој ДУП, за која проектираат инвестиција, односно изградба на седумкатница на таа локација. Компаниите во јуни 2022 година поднесуваат писмено барање за Општина Куманово да им издаде извод од ДУП со намена за градење, како би отпочнале постапка за изградба на објектот.
Дека компаниите се заинтересирани за тааа парцела известен е и градоначалникот Максим Димитриевски.
Службите на Општина Куманово на барателите им го издаваат потребниот извод од ДУП.
Во јуни 2022 година заинтересираните компании одржуваат работен состанок со стручните служби во Општината, на кој состанок е прегледана комплетната документација, посочено е дека се е во ред и може да се поднесе барање за одобрение за градење. Компаниите го поднесуваат барањето за одобрение за градење во јули 2022 година и истото е заведено во системот на Општина Куманово.
Од тука почнуваат и проблемите на инвеститорите. Градоначалникот Димитриевски, ден по поднесувањето на барањето за одобрение за градење, бара да се закаже седница на Советот на Општина Куманово, на која седница Советот носи Одлука за спроведување на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје.

Компаниите, во досегашниот судски процес, објаснија дека иако одлуката е општа и се однесува на целиот град, сепак од истата е таргетирана само парцелата на која тие градат седумкатница.
По одлуката на Советот на Општина Куманово, градоначалникот донесува Заклучок со кој ги повикува компаниите да ја усогласат градежно-техничката документација согласно одлуката на Советот. Во Заклучокот на градоначалникот се наведуваат конкретните компании кои се засегнати од одлуката на Советот.

Заклучокот може да се обжали до второстепена комисија на Министерството за транспорт и врски, а оваа можност ја искористуваат и компаниите кои го обжалуваат заклучокот на градоначалникот. Второстешениот отган во Министерството одлучува во корист на компаниите и го поништува заклучокот на градоначалникот. Сепак, Димитриевски решава да оди против одлуката на второстепениот орган и повторно носи заклучок со кој се прекинува постапката по барање за одобрение за градење заради отстранување на констатираните недостатоци.
И овој заклучок е обжален во Министерството за транспорт и врски и второстепениот орган повторно го поништува заклучокот и носи одлука во корист на компаниите кои се заинтересирани да градат.
Во решението на второстепениот орган на Министерството за транспорт и врски, му се укажува на градоначалникот дека барањето за одобрение за градење на компаниите е во согласност со сите законски норми.

По ова компаниите поднесуваат иницијатива до Уставниот суд и истиот прифаќа да ја разгледа иницијативата, по што носи одлука во корист на двете компании. Уставниот суд детално ја објаснува ситуацијата и наведува дека „Според судот ваквата состојба би довела до поднесување на ново барање за издавање на нов извод, изготвување на нов идеен проект, почнување на нова постапка, до пресметка на нови надоместоци за уредување на земјиштето, што во крајна линија ги изложува заинтересираните страни на непланирани материјални издатоци и правна несигурност, во оваа и така сложена и долготрајна постапка.“

Накратко, Уставниот суд му укажува на Максим Димитриевски дека го нарушува принципот на правна сигурност и не може да дава дополнителни услови, освен предивдените со Деталниот урбанистички план, како што тој во случајов прави.

Уставниот суд носи одлука за поништување на Одлуката на советот и заклучокот на градоначалникот. Истите се ставаат вон сила и одлуката се објавува во службен весник.

По донесената одлука на Уставниот суд, вработените во секторот за урбанизам на Општина Куманово конечно постапуваат правилно и предметот преминува во следна фаза, односно во системот е-градежна дозвола.
Согласно одредбите на Законот за градење и Законот за општа управна постапка, пред да се завери проектната документација истата се испраќа до клучните институции заради добивање на согласност. Сите институции даваат повратно позитивно мислење, освен ЈП Водовод Куманово, без притоа да бидат обезбедени потписи од најмалку три стручни лица.
Компаниите веднаш нарачуваат вештачење од овластен судски вештак и поднесуваат кривична пријава за директорот на ЈП Водовод Куманово за злоупотреба на службената положба, поради тоа што истите ги поседуваат сите потребни документи за да го продолжат процесот.
Кратко потоа од ЈП Водовод Куманово се добива позитивно мислење.
По добиеното позитивно мислење инвеститорите испраќаат документација до секторот за комунални дејности за да им биде пресметан надоместот за уредување на градежно земјиште. Секторот има рок од два дена да ја изготви пресметката и вработените то аи го прават, меѓутоа за првпат овде и градоначалникот бара да му се достави пресметката и истиот да биде ставен како потписник, што воопшто не е пракса до тој момент. Димитриевски секако не ја потпишува пресметката, со што предметот завршува во фиока со години.
Во меѓувреме Димитриевски и директорката на гимназијата Гоце Делчев во Куманово наоѓаат некакво нарушување на јавниот интерес во целата постапка и се подготвува елаборат за поништување на Деталниот урбанистички план кој, се сеќавате, е донесен на барање на градоначалникот.

Сепак, Димитриевски добива кочница од Министерството за транспорт и врски, од каде му даваат негативно мислење за барањето. И Максим Димитриевски повторно оди против сите одлуки на судови и државни органи, точката за суспензија на ДУП-от се става и се гласа на седница на Советот на Општина Куманово.

По ова компаниите поднесуваат тужба до Управниот суд, а истовремено и иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Советот на Општина Куманово за суспензија на ДУП-от. Поднесена е и кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување до градоначалникот Максим Димитриевски.
Управниот суд донесува правосилна пресуда во корист на тужителите, односно му укажува на Максим Димитриевски дека е должен веднаш да постапи и да ја достави пресметката за комуналии која ја чува во фиока.


Димитриевски не ја почитува ниту оваа одлука.
Уставниот суд уште еднаш одлучува во корист на компаниите кои се оштетени и ги става вон сила сите акти донесени од советот и градоначалникот во врска со овој предмет.

Инвеститорите бараат оштета од 3,3 милиони денари, средства кои ги потрошиле за документацијата која е неопходна за добивање на дозвола за градба, како и за 4 договори и уплати на три фирми за отпочнување на работите на терен како подготовка за градежните активности. Со тоа што градоначалникот не им ја потпишал дозволата во предвидениот законски рок туку после 1 година тие претрпеле штета, која бараат сега да им се надомести.
Нејасно е како до овој момент ниту еден надлежен орган не реагирал за низата одлуки на државни органи кои Максим Димитиревски ги прекршил. Две одлуки на второстепен орган на Министерство за транспорт и врски, две одлуки на Уставен суд, одлука на Управен суд, биле згазени од страна на Максим Димитриевски и никој не реагирал.
Последното рочиште за овој случај беше одржано на 02 јуни кога требаше да се презентираат завршните зборови, меѓутоа истото беше одложено за 27 јуни поради отсуство на Максим Димитиревски.
Инфомакс постави прашање од кои причини градоначалникот бил спречен да присуствува на рочиштето, но одговор до овој момент не добивме.
Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето за Димитриевски.
На денешното рочиште одбраната на Димитриевски достави писмени докази од Секторот за урбанизам. На рочиштето не присуствуваше повиканиот сведок од Општина Куманово. Одбраната за наредното рочиште предложи сведок од Општина Куманово и две вешти лица, на што реагираше Обвинителството, Судот не ги прифати. На наредното рочиште ќе бидат изведени завршни зборови.
Предметот е во тек, ќе видиме каква одлука ќе донесе Основниот кривичен суд во Куманово, но некој би требало да реагира и за низата одлуки на државни органи кои Димитриевски не ги испочитувал.
Ќе значи ли, доколку никој не реагира за ова, дека секој од нас, секој обичен граѓанин ќе може да не испочитува одлука на суд, Министерство или друг државен орган без да сноси последици од тоа?
Дали замижувањето пред функционерските апетити значи уривање на правниот поредок во државава? Затоа што кој би сакал да почитува закон, доколку гледа дека некој друг не го почитува и не само што нема последици за тоа, добива и награда кандидатура за втор мандат?
На овие прашања ќе треба да одговорат повеќе институции, Јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за спречување на корупција, додека македонската јавност ја чека одлуката на Основниот кривичен суд во Куманово.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Го чека ли Максим Димитриевски затворска казна?!
Две кумановски компании минатата година поднесоа кривична…
Мојсоска: Како МВР е надлежно за поткровје…
Како МВР е надлежно да поднесува кривична…
Левица: МВР не демантира дека тендерот за…
МВР не демантира дека тендерот за партиски…
Арсовска достави нови докази до ОЈО: Само…
Градоначалничката на Град Скопје објави дека до…
МВР демантира дека Тошковски го наместил тендерот…
„Во врска со написите на политичката партија…