Грозданова: Четири сомнителни случаи во Хрватска беа сигнал за прекинот на БСЖ вакцинацијата

t

Информациите за четири сомнителни случаи на остеитис или остеомиелитис кај деца во Хрватска биле причина Комисијата за имунизација да предложи привремено одложување на вакцинацијата со БСЖ во Македонија, изјави проф. д-р Александра Грозданова во гостување на 4ТВ.

Според неа, македонските здравствени власти биле информирани од хрватските колеги уште пред случаите официјално да бидат објавени, а дополнителна причина за претпазливост било тоа што дел од истите серии вакцини од бугарскиот производител „Бул Био“ се користеле и во Македонија.

Хрватскиот завод за јавно здравство официјално потврди дека во текот на 2026 година биле пријавени четири сомнителни случаи на остеитис или остеомиелитис кај мали деца вакцинирани со БСЖ од истиот производител. Поради невообичаено високата зачестеност, употребата на вакцината таму е привремено запрена додека траат дополнителните проверки.

Грозданова нагласи дека во моментот нема потврдена причинско-последична врска меѓу вакцината и состојбата кај децата.

„Временското совпаѓање на вакцинацијата со некоја здравствена состојба само по себе не значи дека вакцината ја предизвикала“, објасни таа.

По разгледувањето на информациите, Комисијата за имунизација предложила привремено запирање на вакцинацијата, а Министерството за здравство ја прифатило препораката. Спорните серии, според Грозданова, биле ставени во карантинско чување додека трае проверката.

Таа посочи дека во Македонија досега не е пријавен случај на остеитис или остеомиелитис што се поврзува со БСЖ вакцината.

Во проверките се вклучени МАЛМЕД, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, а се разгледува и можноста преку УНИЦЕФ да се обезбедат други количини БСЖ вакцини.

Одлуката дали спорните серии повторно ќе се користат ќе зависи од резултатите од истрагата и дополнителните контроли на нивниот квалитет.

БСЖ вакцината се користи за заштита на најмалите деца од тешки форми на туберкулоза. Хрватските здравствени власти нагласуваат дека остеитисот и остеомиелитисот се ретки несакани реакции и дека децата кои ја примиле вакцината, а немаат симптоми, не треба превентивно да се подложуваат на дополнителни испитувања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Грозданова: Четири сомнителни случаи во Хрватска беа…

Информациите за четири сомнителни случаи на остеитис…

„Тешко е да се живее со депресија“…

„Тешко е да се живее со депресија“,…

ВМРО-ДПМНЕ: Мастер-планот на Филипче е да дојде…

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ставовите на лидерот на…

Зеленски го осуди договорот на Трамп со…

Володимир Зеленски ја осуди објавата на Доналд…

Над 300 милиони луѓе во светот немаат…

На 10 октомври секоја година се одбележува…