„Тешко е да се живее со депресија“ – искрени сведоштва од пациентите на Психијатрија
„Тешко е да се живее со депресија“, „Сакам другите да ме разберат“ и „Проблемите со менталното здравје се исти како и сите други здравствени проблеми“ се дел од пораките што пациентите од Универзитетската клиника за психијатрија ги упатија до јавноста по повод Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври.
Преку анонимни сведоштва, пациентите ги споделија своите чувства, секојдневни предизвици и желби, со надеж дека ќе има повеќе разбирање и помалку предрасуди кон луѓето кои се соочуваат со психички потешкотии.
„Колку и да сум стабилен, или да личам стабилен, внатрешно ништо не е променето“, гласи една од пораките, која ја опишува невидливата борба со која дел од пациентите живеат секојдневно.
Други пораки се насочени кон потребата менталните нарушувања да се прифаќаат како и секоја друга здравствена состојба, без стигма и осуда.
Сведоштвата се дел од кампањата што годинава се спроведува под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“.
Од Клиниката за психијатрија велат дека целта е пациентите да добијат простор да зборуваат за сопствените искуства, а нивните приказни да помогнат во намалувањето на стигмата поврзана со менталното здравје.
Директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, посочува дека личните сведоштва можат да имаат големо значење и за други луѓе кои се соочуваат со слични проблеми.
Според неа, едно од најтешките чувства е уверувањето дека човек е сам во својата состојба и дека никој друг не поминува низ истото.
Токму затоа, слушањето туѓи искуства може да помогне во надминувањето на чувството на осаменост и да ги охрабри луѓето навреме да побараат стручна помош.
Арсова нагласува дека менталните потешкотии не ја намалуваат вредноста на човекот и дека секој може да дојде во период од животот кога ќе му биде потребна психолошка или психијатриска поддршка.
Од Клиниката порачуваат дека барањето помош не е слабост ниту причина за срам, туку важен чекор кон подобрување на состојбата.
Кампањата ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се слушнат што повеќе лични приказни и да се поттикне поголема свест за менталното здравје.
Главната порака е дека зад секоја дијагноза стои човек кој заслужува почит, достоинство, разбирање и соодветна здравствена грижа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Горат магацини кај Бит-пазар, пожарникарите со сите…
Голем пожар избувна доцна попладнево во близина…
Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета…
Иран демантира средба меѓу Резаи и Венс…
Иран ги отфрли извештаите дека секретарот на…
Франција го обвини Иран за сајбернапад врз…
Франција ја обвини иранската Револуционерна гарда за…
Касами ги викна оџата и владиката, ќе…
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, денеска се…