(Документи+видео) Судии, обвинители и извршители се намерачиле на плац во центар на Гостивар, 16 години малтретираат човек за да му го украдат

t

Кај нас има една изрека, „правдата е спора, ама на крај доаѓа“, а богами и судскиот процес е судски „спор“ и сите сме навикнати на не толку брза и експедитивна работа на правосудството, ама случајот во продолжение е пример за тоа како човек може „ни крив, ни должен“ да заглави во суд цели 16 години!

Рахми Ерѓул од Гостивар 16 години секој месец е на суд, двапати го купува сопствениот имот, но никако да добие правда. Случајот веројатно ќе треба да се запише во учебниците по право за секој иден правник да знае како не треба да се изживувате со граѓаните.

Ерѓул, заедно со уште неколку лица е хипотекарен гарант од втор ред и истото е уредно заведено во нотарски акт во 2006 година. Хипотекарните гаранти се активираат откако должникот не успева да ги намири средствата кои ги има земено од Универзалната инвестициона банка. Откако се активира хипотекарната гаранција, сите гаранти, вклучувајќи го и Ерѓул навремено ги уплаќаат средствата кои ги бара банката, а во меѓувреме нивните имоти кои се хипотекарна гаранција се замрзнати. За уплатата постојат сите документи, потврдата од УНИ Банка, како и самата уплатница.

Како што можете да видите банката дава потврда дека сите обврски се подмирени, како што се подмирени и сите трошоци вклучувајќи извршителски услуги, камата, затезна камата и банкарска провизија. За ова известување нормално добила и извршителката Весна Јакимовска (истата извршителка која нападна колега новинар затоа што ѝ поставуваше прашања).

Зошто ја спомнуваме извршителката? Затоа што истата требало по подмирувањето на сите долгови да го врати заложениот имот на сопственикот на имотот, во случајов Ерѓул. Но извршителката го продава имотот девет месеци откако е комплетно уплатен целиот долг кон банката и кон извршителката, иако истата морала да знае дека долгот е подмирен и дека веќе не може да располага со заложениот имот.

Имотот е продаден на лицето Аријан Рамадани (сега покоен) и овде не се работи за било каков безвреден имот, некое мало нивче или некој квадрат земја, се работи за цела зграда. Нормално, сопственикот на имотот бара оправдување од извршителката зошто е продаден имот со кој таа, во периодот во кој го продала имотот, воопшто не можела да располага и истиот требало да биде вратен на сопственикот. Оправдување не добил.

Купувачот на земјиштето кое легално му припаѓа на Ерѓул, вели дека тој ќе го врати имотот доколку си ги добие парите назад, на што се согласуваат двете страни и Ерѓул повторно ги уплатува парите. Потврда постои и за оваа трансакција, поточно го има комплетниот тек на парите.

Иако парите се уплатени, наместо Аријан Рамадани да му го пренесе правото на сопственост на Ерѓул, тој го заложува имотот, кој во овој случај не смеел да го заложи, туку требал навремено да го пренесе имотот на купувачот. Повторно, не се работи за мал имот, туку под хипотека Рамадани става административна зграда, поточно станови од 126 метри квадратни, 373 метри квадратни, 141 метри квадратни и 52 метри квадратни.

Ерѓул го пријавил случајот во политија, за што постои и соодветна потврда од МВР, каде се стои дека во МВР е пријавено на ден 02.12.2011 година, бидејќи Аријан го става под хипотека имотот за кој веќе му е платено за купопродажба.

Случајот оди во Основниот кривичен суд во Гостивар каде обвинетиот Рамадани се прогласува за виновен за сторено кривично дело измама и му се определува казна затвор во времетраење од една година, како и обврска да ги надомести судските трошоци.

Осудениот ја обжалува пресудата на Апелација, по што Апелација во Гостивар го враќа предметот на повторно судење, објаснувајќи дека „битно е со сигурност да се утврди дали кај обвинетиот постоела умисла оштетениот да го држи во заблуда со лажно ветуваање или убедување со намера за елементи на законското битие на кривичното дело Измама од член 247 од КЗ што му се става на товар на обвинетиот или пак во конкретниот случај се работи за облигационо правен однос помеѓу две физички лица кој настанал со склучување на усмен договор за купопродажба“.

Во меѓувреме, обвинетиот починува, со што завршува кривичната постапка. Оштетениот бара од ОЈО Гостивар да го прошират предметот и во обвинението за измама да ја додадат и сопругата на осудениот, бидејќи истата претходно дава согласност имотот кој е веќе продаден да се стави под хипотека и според оштетениот таа знаела и учествувала во измамата.

ОЈО Гостивар не презема ништо по барањето на оштетениот, по што истиот се жали во Вишото јавно онбвинителство, а подоцна и до Советот на јавни обвинители, но сите му одговараат дека обвинителот во ОЈО Гостивар соодветно постапил и дека обвинението не мора да се прошири и на сопругата на починатиот.

Како што вели нашиот соговорник, во целата работа вмешана и виновна е извршителката, која свесно го продала имотот за кој веќе бил платен хипотекарниот залог. Како што вели оштетениот, извршителката поради тоа што им завршила работа на измамниците се стекнала со стан во Гостивар во 2018 година, а кој стан постои и во нејзиниот анкетен лист пријавен во ДКСК каде е наведено дека станот е добиен како подарок.

Ерѓул исто така вели дека ова не е прва измама на семејството Рамадани, повеќемина членови на семејството, како и самиот обвинети и во прв стенен осуден во овој случај имаат низа кривични пријави и судски спорови во врска со имама и неплатени долгови.

Моментално семејството Ерѓул веќе 16 години буквално е малтретирано од правосудниот систем. Имотот кој е платен двапати не е во нивна сопственост, иако судот во прв степен одлучил во нивна корист сепак Апелација го враќа предметот по што постапката прекинува поради смрт на обвинетиот. ОЈО одбива да го прошири обвинението, а семејството се уште ја бара правдата овојпат во граѓанска постапка. Следното рочиште во граѓанскиот суд во Гостивар е во јули и оштетните се надеваат дека после 16 години кочено правдата ќе излезе на виделина, а тие ќе успеат да го вратат имотот кој требало да биде во нивни раце уште пред 16 години.

Ако не, тогаш ќе настапи и застарување на ова дело со што Ерѓул и неговото семејство ќе останат покуси за целата нивна животна заштеда, а нема да биде чудно ако останат и на улица. А можеби тоа е и планот. Ќе ги влечеме луѓето по судови со разни трикови, одложувања, запирања и повторувања. И така се додека не застари делото, Ерѓул ќе биде ем крив ем тепан.

И така е и со сите нас, секој обичен човек во оваа држава е граѓанин од втор ред. Оваа држава и овие судови се мајки само за функционерите и олигарсите.

Правната сигурност во Македонија е сведена на домородска филозофија. Тој од моето племе ја има, тој од другото племе нека цркне.

А. Митовски

А. Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Почина 43-годишник од Гостиварско откако бил каснат…

МВР информира дека синоќа во 21.11 часот…

Драма кај Гостивар: Млада жена извлечена од…

Тежок сообраќаен инцидент се случи денеска на…

Деветгодишно дете тешко повредено откако го прегазиле…

Девојче на возраст од девет години од…

18 гостиварски судии тужеле оти погрешно им…

Во 2024 година бројот на тужби во…