Екс премиерот Ковачевски контра Филипче: „Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина“

t

Поранешниот премиер и актуелен пратеник на СДСМ, Димитар Ковачевски, со саркастична порака реагираше на одлуката на Советот на Општина Пехчево да ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар, со што практично испрати поинаков сигнал од актуелното раководство на неговата партија.

„Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина, а богами и Кина што Пехчево не е во Шангај… што би правеле денес со вишокот вода“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи. Неговата реакција следуваше откако сите девет советници во Пехчево едногласно гласаа против иницијативата на приватен инвеститор за почнување постапка за урбанистичка документација за дата-центар.

Со ваквиот саркастичен коментар, Ковачевски остава впечаток дека не се согласува со генералното отфрлање на ваквите инвестиции, само еден ден откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, излезе со значително поостар став.

Филипче повика на „национална мобилизација“ против плановите за дата-центри, тврдејќи дека тие можат да ги доведат под ризик расположливите количини вода и електрична енергија. Тој ги повика советниците низ државата и граѓаните да се обединат и порача: „Мораме да ги запреме дата-центрите“.

Лидерот на СДСМ тврдеше дека Владата сака водата и електричната енергија да ги стави во функција на странски дата-центри, предупредувајќи и на можноста трошоците на крајот да паднат врз граѓаните преку повисоки сметки.

Така, за само 24 часа од двајца високи функционери на СДСМ стигнаа различни политички пораки. Додека Филипче бара пошироко обединување за спречување на дата-центрите, Ковачевски преку споредбата со Силиконската долина и Шангај саркастично ја коментира одлуката да се отфрли инвестицијата во Пехчево.

Сепак, одлуката во Пехчево не беше донесена само со гласовите на СДСМ. Против иницијативата гласаа сите советници – петмина од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и еден од ЗНАМ. Како причини во јавната расправа беа посочувани недостигот на информации за инвеститорот, потрошувачката на вода и електрична енергија и можните последици врз животната средина.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, посочи дека Општината во моментов нема стручна студија врз основа на која прецизно би се утврдиле потрошувачката на ресурси и влијанието на евентуален дата-центар, поради што побара темата да не се сведува на шпекулации за позитивните или негативните ефекти.

Различниот тон меѓу Ковачевски и актуелното раководство на СДСМ сега отвора и прашање дали во најголемата опозициска партија постои единствен став за дата-центрите – дали тие принципиелно се против вакви инвестиции или бараат нивна изградба само под строго утврдени услови за вода, енергија, инфраструктура и заштита на животната средина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Екс премиерот Ковачевски контра Филипче: „Имала среќа…

Поранешниот премиер и актуелен пратеник на СДСМ,…

Пет активни пожари во земјава, огнот зафати…

Во Македонија до 13 часот денеска се…

Цените на нафтата паѓаат трет ден по…

Цените на нафтата продолжија да паѓаат трет…

Секое десетто дете во Македонија било жртва…

Едно од десет деца (10% од децата)…

Мицкоски: По повеќе од 20 години, започна…

„Добредојдовте на еден проект којшто за сите…