Зошто ОКТА не е под истрага за “Мазут”?
Мазутот во случајот „Мазут“ бил со соодветен квалитет, проверен во акредитирана лабораторија и ги исполнувал сите стандарди пропишани во македонската регулатива. Ова би бил логичниот заклучок од одговорот кој „Инфомакс“ го доби од „ОКТА“, компанијата од која осомничената РКЕ на Ратко Капушевски го набавила мазутот кој беше предмет на истрага на овој случај.
Случајот „Мазут“ е истрага на ОЈО ГОКК за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино, во периодот од 2022 и 2023 година, а осомничените се теретеа за перење на пари, влијание во постапката за набавка, како и за загадување на животната средина со наводно неквалитетниот мазут.
Истрагата беше запрена поради недостаток на докази, по што обвинителката Коларевиќ беше мета на напади во јавноста. Поддршка Коларевиќ доби од Републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески, кој истакна дека подобро е истагата да биде запрена во оваа фаза, доколку нема докази, отколку да се турка постапката на суд и на крај предметот да падне на суд.
Инфомакс веќе подолг период го истражува овој случај. Од сопствени извори дознаваме дека 99% од мазутот кој е предмет на истрагата, компанијата РКЕ на Ратко Капушевски го набавила од ОКТА.
До ОКТА испративме неколку прашања, најпрво дали најголем дел од количината на мазут поврзан со случајот „Мазут“ од страна на компанијата РКЕ е купен од ОКТА, која е точната количина на мазут кој РКЕ го купила од ОКТА, дали ОКТА вршела проверки и контрола на квалитет на мазутот (согласно позитивните законски прописи во Северна Македонија) и какви се резултатите од проверките и дали за време на истрагата компанијата е контактирана од истражните органи.
Од ОКТА ни одговорија:
– „Како општ принцип, ОКТА не коментира јавно конкретни комерцијални аранжмани или поединечни деловни односи, особено за случаи кои биле предмет на постапување од страна на надлежните институции.
Напоменуваме дека случајот на кој се повикувате е официјално завршен. ОКТА целосно ја почитува улогата на релевантните институции и соработуваше со нив во текот на целиот процес, а останува подготвена да соработува со надлежните органи и во иднина, доколку тоа биде потребно и во согласност со важечките законски прописи.
ОКТА останува посветена на работење во целосна согласност со важечката законска и регулаторна рамка. Сите производи што ги пласираме на пазарот подлежат на строги процедури за контрола на квалитетот, кои се спроведуваат во нашата акредитирана лабораторија, во согласност со важечката регулатива и меѓународно признатите стандарди.
Остануваме посветени на транспарентно и одговорно работење, притоа почитувајќи ги законските ограничувања што се однесуваат на доверливоста и постапките што се водат пред надлежните институции.“
Од одговорот произлегува дека и самата ОКТА имала проверки, како што бараат позитивните законски прописи, во акредитирана лабораторија, од што произлегло дека мазутот е со соодветен квалитет.
Согласно лиценците за трговија со нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика месечно врши контрола од каде купуваат фирмите кои имаат лиценци и каде продаваат.
Во Македонија постои Правилник за квалитетот на течните горива каде се пропишуваат граничните вредности на сите горива, меѓу кои и мазутот. Согласно правилникот, за мазут се контролираат граничните вредности за сулфур, вода, пепел, седименти, точка на палење, калориска моќност, вискозитет на 100 степени, карбон. Државата има строга контрола над увезените нафтени деривати, преку Цринската управа, како и преку Државниот пазарен инспекторат, а во овој случај не е утврдено надминување на граничните вредности. Македонија инаку има една од најстрогите регулативи кога станува збор за квалитетот на горивата.
Според официјалните извештаи на ТЕЦ Неготино, од каде редовно се вршела контрола на квалитетот на воздухот, во периодот за кој се истражуваше, а во јавноста се шпекулираше со информации за „труење“ и „загадување на воздухот“, воопшто и немало загадување од ТЕЦ Неготино.
Во врска со економските прашања во овој случај, АД Електрани на Северна Македонија воопшто не пријавиле штета за време на процесот. Овој факт го повтори и професорот Гордан Калајџиев кој во неколку јавни настапи го постави прашањето дали воопшто ЕСМ може да вложи жалба до Вишото јавно обвинителство поради одлуката на ОЈО ГОКК за запирање на постапката, која нема пријавена штета.
Доколку во целиот криитчен период кој е опфатен со истрагата, се анализираат берзите на електричната енергија, лесно може да се констатира дека доколку ТЕЦ Неготино не работело, Македонија за да купи струја ќе потрошела 880 милиони евра.
Дополнително прашање дали потребната количина воопшто можела да се обезбеди, бидејќи енергетската криза во тој период беше не само ценовен шок, туку и недостаток на гас, мазут, дизел и бензин. Споредено со денес, енергетската криза која ја предизвика војната во Иран е поради цената на нафтата и нафтените деривати. Количините на истите не се доведуваат во прашање, за разлика од тогашната енергетска криза каде државите се бореа за да ја обезбедат потребната електрична енергија.
Бројките покажуваат дека ТЕЦ Неготино еготино секоја година како ладна резерва ја чини државата околу 5 милиони евра со самото постоење, за плати, тековни трошоци и слично. Она што е евидентно и од официјалните извештаи на ЕСМ, ТЕЦ Неготино во 2022 и 2023 година има остварено профит од 30 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто ОКТА не е под истрага за…
Мазутот во случајот „Мазут“ бил со соодветен…
ОКТА повторно го враќа попустот од 2 денари…
Компанијата ОКТА Скопје воведува привремено намалување од 2 денари…
Мицкоски: ЕСМ вложи жалба за предметот со…
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ЕСМ вложило…
Ахмети се жали во амбасадите за случајот…
ДУИ ја информирале целата локална и меѓународна…
ЕСМ ќе се жали на одлуката на…
АД ЕСМ сè уште не го доби…