Израелците денеска гласаат на парламентарни избори, неизвесна трката меѓу Нетанјаху и опозицијата
Граѓаните на Израел денеска излегуваат на парламентарни избори, први по нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година, на кои ќе се одлучува за политичката иднина на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Анкетите укажуваат на неизвесна трка меѓу неговиот политички блок и опозицијата, пренесуваат светските медиуми.
Избирачките места се отворени низ целата земја. Право на глас имаат околу 7,3 милиони граѓани, а на изборите учествуваат 35 партии.
Гласањето се одвива од 7 до 22 часот по локално време, а првичните показатели се очекуваат по затворањето на избирачките места.
Како што објаснува „Ал Џезира“, изборите се одржуваат според пропорционален изборен систем. Во Кнесетот, израелскиот парламент со 120 места, влегуваат партиите што ќе освојат најмалку 3,25 отсто од гласовите.
Изборите се одржуваат во период на длабока политичка и општествена поларизација, по повеќегодишни судири на повеќе фронтови, влошување на односите на Израел со дел од меѓународната заедница и сè поизразени внатрешни поделби, наведуваат медиумите.
Нетанјаху, кој беше на чело на израелската влада во поголемиот дел од последните три децении, се соочува со критики поради безбедносните пропусти што им претходеа на нападите на Хамас, како и поради одбивањето да се формира независна државна комисија што би ги испитала околностите на нападите.
Неговите противници сметаат дека изборите претставуваат можност да се утврди политичката одговорност за пропустите од октомври 2023 година. Израелскиот премиер, пак, инсистира дека воените операции на Израел против Хамас и неговите сојузници придонеле за зајакнување на безбедноста на земјата.
Главен предизвикувач на Нетанјаху е поранешниот началник на Генералштабот на израелската војска, Гади Ајзенкот, чија центристичка партија „Јашар“, според одредени истражувања на јавното мислење, бележи раст на поддршката.
Опозицијата најавува формирање независна истражна комисија, како и промени во однос на исклучоците од задолжителното служење воен рок за ултраортодоксните Евреи.
Предизборната кампања ги опфати и економијата, растот на трошоците за живот, образованието, здравството и криминалот. Во областа на безбедносната политика, акцентот е ставен на последиците од војните во Газа и Либан, како и од конфликтот со Иран.
Ниту една партија не очекува самостојно да освои мнозинство, поради што исходот ќе зависи од преговорите за формирање владејачка коалиција.
Според анкета на израелскиот јавен сервис КАН, опозицискиот блок би можел да освои 52 пратенички места, додека партиите што го поддржуваат Нетанјаху би добиле 50 места. Останатите мандати би им припаднале на помалите партии, меѓу кои и арапските политички листи.
Арапските партии би можеле да имаат пресудна улога во формирањето на новата влада, но двата главни блока засега ја исклучуваат можноста за соработка со нив, оценува катарската телевизија.
Ваквиот распоред на силите отвора можност за долги преговори, формирање малцинска влада или распишување нови избори доколку ниту еден блок не успее да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, наведува „Ал Џезира“.
Особено важно прашање во кампањата е задолжителното служење воен рок за ултраортодоксните Евреи, кои со децении имаа можност да бидат изземени од воената служба поради верски студии. Барањата за укинување на оваа практика имаат поддршка од дел од опозицијата, но и од гласачи на десницата, истакнуваат медиумите.
Официјалните резултати треба да бидат објавени во рок од осум дена. Потоа, претседателот на Израел, Исак Херцог, ќе му го довери мандатот за составување влада на еден од пратениците за кого ќе процени дека има најголеми изгледи да обезбеди парламентарно мнозинство.
За многу гласачи, изборите претставуваат и изјаснување за одговорноста за нападите од 7 октомври, во кои, според израелските податоци, биле убиени околу 1.200 луѓе, додека 251 лице било одведено како заложник во Газа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израелците денеска гласаат на парламентарни избори, неизвесна…
Граѓаните на Израел денеска излегуваат на парламентарни…
ИЗРАЕЛ ЈА ПОДИГНА ВОЕНАТА ГОТОВНОСТ НА НАЈВИСОКО…
Израелските вооружени сили ја зголемија борбената готовност…
Нетанјаху објави слика од нуклеарка: Израел се…
Израел се соочува со егзистенцијална закана од…
Хамнеи бара воена отштета од САД и…
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи,…
Израел се подготвува за нови напади: Мобилни…
Израелските власти започнале со распоредување мобилни засолништа…