Каналите на „Арена“ работат без дозвола, а Агенцијата за медиуми тоа го толерира, велат националните телевизии и МРТ
Петте национални македонски телевизии, здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), заедно со јавниот сервис МРТ, обвинуваат дека преку нови телевизиски сервиси српски компании ги заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
Од ММА и МРТ тврдат дека располагаат со материјални докази според кои спортските канали „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ подолг период работат без домашна дозвола, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги третира како странски програмски сервиси што се реемитуваат во земјава.
Според нив, проблематично е тоа што продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во Македонија, а програмата се емитува на македонски јазик.
– Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ каналите „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ не постојат, што значи дека не се домицилни српски канали – наведуваат од ММА и МРТ.
Истовремено, посочуваат дека во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси што емитуваат програма на српски јазик.
Поради тоа, ММА и МРТ бараат истражните органи и надлежните институции да утврдат дали на овој начин е заобиколена законската обврска за поседување дозвола, дали е предизвикана штета на државниот буџет поради неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците и одговорните лица на телевизиските сервиси, како и кај службеници во АВМУ.
– Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права, познато како ТВ-пиратерија. За жал, долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот, како Хрватска, Албанија, Босна и Србија, бараме конечно да влезе во радарот на македонскиот регулатор – се наведува во реакцијата.
Од ММА и МРТ предупредуваат дека нема да дозволат истиот модел на, како што велат, евентуално изигрување на законите да биде применет и во случајот со најавениот „Еуроњуз Македонија“. Тие се противат на можноста АВМУ да го третира овој канал како странски сервис, слично како каналите на „Арена Премиум“.
– Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило. ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ – соопштија од ММА и МРТ.
На реакцијата на телевизиите се надоврза и опозициската СДСМ, од каде велат дека заедничкото соопштение на ММА и МРТ го потврдува она на што партијата предупредувала во изминатите месеци.
Од СДСМ обвинуваат дека во Македонија влегува „српска медиумска машинерија“ преку заобиколување на домашните закони и тврдат дека целта е создавање медиумска структура поврзана со веќе постоечката, како што ја нарекуваат, „Орбанова медиумска мрежа“. Партијата соопшти дека во целост ги поддржува барањата на телевизиите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каналите на „Арена“ работат без дозвола, а…
Петте национални македонски телевизии, здружени во Македонската…
Левица: Со изборот на Ристоски, МРТ станува…
Од Левица остро реагираат на изборот на…
Зоран Ристовски е нов директор на МРТ
Зоран Ристовски – Ѓуза е новиот прв…
Програмскиот совет на МРТ утре ќе го…
Програмскиот совет на МРТ за утре закажа…
Детски настап со симболи од „голема Албанија“…
Песна насловена „Trojet shqiptare“ („Албански територии/земји“) беше…