Кличко: Украина никогаш нема да се предаде

t

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, синоќа упати итен апел за европска солидарност со Украина во нејзината борба против руската инвазија.

– Никогаш повеќе не сакаме војна во Европа. Мирот бара наша заедничка одговорност. На слободата ѝ се потребни луѓе кои стојат еден за друг – изјави 55-годишниот Кличко во видеопорака за време на церемонија за доделување награди во Берлин.

Кличко рече дека првично планирал лично да отпатува во Берлин за да ја прими наградата „Европска иднина“, но ситуацијата во Киев толку драматично се влошила што морал да остане во градот, пренесе ДПА.

Украина се брани од целосна руска инвазија повеќе од четири и пол години, со поддршка од Западот.

Поранешниот светски шампион во бокс изјави дека деноноќно е сведок на тоа колку станале жестоки руските напади, при што под оган се наоѓаат мостови, електрани, училишта, градинки, болници и станбени згради.

Кличко го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува со бомбардирање да ја принуди Украина на послушност и да ги натера луѓето да бегаат од своите градови.

Путин сака да создаде „милиони бегалци во Европа“ во надеж дека Европа ќе ја напушти Украина и ќе ја принуди да капитулира, рече тој. „Но тоа никогаш нема да се случи“.

Кличко праша зошто сонот на Украина за европска иднина мора да биде по толку висока цена, додавајќи дека надежта за заедничка иднина во Европа им дава сила на многу Украинци да истраат.

Неговата видеопорака беше поздравена со бурни аплаузи на нозе и овации.

Наградата „Европска иднина“, која се доделува под покровителство на германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл, им оддава признание на луѓе кои се борат за слободата, човековите права, солидарноста и разновидноста, истовремено зајакнувајќи го европското единство.

Жирито изјави дека напорите на Кличко ги надминале рамките на одбраната на неговиот град и земја, опишувајќи ја неговата работа како одбрана на правото на луѓето да живеат слободно и самите да ја одредуваат својата иднина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кличко: Украина никогаш нема да се предаде

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, синоќа упати…

Венс: Украина не треба да биде членка…

Украина не треба да биде членка на…

1.500 европски војници ќе тренираат во Полска…

Европските држави ќе одржат воена вежба за…

Зеленски: Можна е средба меѓу Украина, САД…

Украина, Соединетите Американски Држави и Русија би…

Украина нападна руска радарска станица вредна околу…

Украинските одбранбени сили синоќа нападнаа руска радарска…