Мерц по изборите во Саксонија-Анхалт: Длабоко сме шокирани
Лидерот на ЦДУ и канцелар Фридрих Мерц најави последици по поразот на неговата партија на изборите во покраината Саксонија-Анхалт. Тој денеска (7.09) во Берлин изјави дека и тој и ЦДУ се „длабоко шокирани“ од убедливата изборна победа на АфД. „Ова е најтешкиот изборен пораз што ЦДУ го доживеала во последните години, дури и децении“, рече Мерц. Според него, јасно е дека ЦДУ „не може едноставно да продолжи по старо“.
Мерц ја нагласи неопходноста од темелни реформи во Германија. Станува збор „за ништо помалку од иднината на нашата земја и шансите на нашите деца и внуци“. Тој истакна дека тоа „не смееме да го прокоцкаме“. „Затоа мојата решеност да продолжам со реформскиот курс останува непоколеблива“, порача шефот на ЦДУ. Според него, реформите мора подобро да им се објаснат на граѓаните.
Осврнувајќи се на можноста за влада предводена од АфД во Магдебург, Мерц изјави дека сака да „ги увери сите во нашата земја: Нашите институции се отпорни и стабилни“. Тој истакна дека Уставот го штити и гарантира овој поредок и дека „сојузната влада предводена од мене ќе обезбеди почитување на Уставот“. Оваа порака е упатена и „до нашите пријатели во Европа и низ целиот свет. Знаеме дека Германија носи посебна одговорност поради својата историја“.
АфД на покраинските избори во Саксонија-Анхалт вчера убедливо ја победи владејачката ЦДУ, но не успеа да освои апсолутно мнозинство. Партијата, која Покраинската служба за заштита на уставниот поредок ја класифицира како докажано десноекстремна, го зголеми својот резултат на 43,8 проценти од гласовите, што е повеќе од двојно подобрување во однос на претходните избори. Демохристијаните на покраинскиот премиер Свен Шулце освоија само 17,2 проценти од гласовите, односно нивниот резултат беше преполовен во споредба со претходните избори.
Шулце денеска најави дека ќе сноси последици. „Настапив како носител на листата и секако ќе извлечам соодветни последици од тоа“, изјави Шулце по состаноците на највисоките партиски тела во Берлин.
Шулце рече дека вечерва ќе му предложи на покраинскиот одбор на ЦДУ план за понатамошната постапка. Водечкиот кандидат на ЦДУ го опиша резултатот како тежок пораз. „Како ЦДУ повеќе немаме мандат за формирање влада, ние сме опозиција. Владиниот мандат сега е во рацете на АфД“,изјави Шулце.
Покраинскиот одбор на ЦДУ ќе заседава вечерва во Магдебург. Во рамките на Христијанско-демократската унија се засилуваат гласовите кои бараат темелен кадровски почеток. Уште на изборната вечер, пратеничката во покраинскиот парламент Ева Фојснер и младинската организација Млада Унија побараа да бидат извлечени соодветни консеквенции.
И други во партијата го делат тоа мислење, но засега не се изјаснуваат јавно пред седницата на покраинскиот одбор. „Се преполовивме повеќе од двојно. Целиот покраински одбор мора да поднесе оставка“, изјави долгогодишен пратеник за германската новинска агенција ДПА. Според него, на вонреден партиски конгрес во новото раководство треба да бидат избрани повеќе претставници од локалната политика и од стопанството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мерц по изборите во Саксонија-Анхалт: Длабоко сме…
Лидерот на ЦДУ и канцелар Фридрих Мерц…
Серафимовски: Потврдени се 64 жаришта на сипаници…
Во државата досега се потврдени 64 жаришта…
Српскиот патријарх Порфириј се обрати на погребот…
Денес, патријархот на Српската православна црква, Порфирије,…
Земјоделство бара од КЗК да испита дали…
Дали откупувачите на зеленчук и овошје имаат…
Обвинителството уверува дека има докази за „Државна…
Обвинителството ќе настојува преку доказите и сведоците…