Министерката Јаневска уверува дека нема да се кратат стипендии за социјални категории со новите измени на Законот за студентски стандард
По вчерашното прво читање на измените на Законот за студентски стандард, предложени од група пратенички од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка, следуваа реакции од младински организации и политички подмладоци, кои предупредуваат дека измените ќе значат намалена поддршка за студентите и поголем финансиски товар. Измените предвидуваат нова поделба на студентските домови на „Тип 1“ – реконструирани и енергетски ефикасни домови и „Тип 2“ – постојни домови, при што Министерството ќе покрива до 40 проценти од трошоците за сместување во реновираните домови, а до 50 проценти во постојните. Дополнително, квотата за стипендии за студенти од социјални категории се намалува од 49 на 40 проценти.
На критиките денес реагираше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која порача дека нема намалување на бројот на студентски стипендии и дека „СДСМ манипулира со јавноста“.
„Бројот на стипендии не е уреден со закон, туку се утврдува секоја година согласно Буџетот и потребите на државата. Со измените се предвидува подобро прераспределување на стипендиите за да имаме стипендии базирани на успех, потребите на државата и пазарот на трудот“, соопшти Јаневска.
Таа посочи дека во последните пет години квотата за социјални стипендии не била целосно исполнета, поради што дел од средствата останувале неискористени. Во однос на студентските домови, министерката рече дека во законските измени не е утврдена висината на партиципацијата и дека е манипулација тврдењето дека студентите ќе плаќаат повисоки цени.
„Груба манипулација е поделбата на домови за ‘сиромашни’ и за ‘богати’, особено кога државата спроведува огромен проект за целосна реконструкција на сите студентски домови“, наведе Јаневска.
Таа најави дека летово ќе започне реконструкција на сите студентски домови, а Министерството подготвува и ново законско решение со кое државата ќе ги преземе платите на вработените во домовите, со цел да се намали товарот врз студентската партиципација.
Од здружението „Млади од семејна разновидност“ реагираа дека намалувањето на квотата директно ќе ги погоди студентите од самохрани и еднородителски семејства.
„Дополнителните бодови нема да значат ништо доколку бројот на достапни места за овие категории континуирано се намалува. Наместо намалување на квотите, потребни се политики што ќе ја зголемат поддршката и ќе гарантираат еднакви можности“, велат од организацијата.
Од Социјалдемократската младина претходно оценија дека измените создаваат „двокласен систем“ во студентското сместување.
„Богатите ќе можат да престојуваат во реновирани домови со подобри услови, а сите останати во старите и нереновирани домови. Се кратат стипендиите за социјални категории и се укинува поддршката за приватно сместување и превоз“, соопшти СДММ.
Реакција имаше и од Црвена Младина од каде обвинија дека власта „штеди врз грбот на студентите“.
„Се намалуваат стипендиите за социјално ранливите категории и за студентите со особен успех. Дополнително, се остава простор Владата сама да определува кои студиски програми се од ‘стратешки интерес’, што отвора можност за дискрециони одлуки“, наведуваат од Црвена Младина.
Тодор Конески, од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека „СДС шири манипулации“ и дека бројот на стипендии не се намалува.
„Стипендиите не се дел од законското решение, туку се утврдуваат секоја година согласно Буџетот и потребите на државата. Целта е подобра распределба на средствата и мотивирачки стипендии за стратешки области“, изјави Конески.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министерката Јаневска уверува дека нема да се…
По вчерашното прво читање на измените на…
Спасовски: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи…
„Без сериозна, детална и болна анализа за…
Џ.Д. Венс: Опција А за Иран е…
Постојат два патишта што Соединетите Американски Држави…
Ројтерс: Кина обучувала руски војници за борба…
Кина тајно обучила околу 200 руски војници…
Трамп загрижен за ебола, Американец заразен додека…
Трамп загрижен за ебола стана новата политичка…