Мицкоски: Членството во ЕУ треба да е по заслуга, но во нашиот случај тоа не е така
Пристапот за членство во ЕУ треба да биде пристап заснован на заслуги, но во нашиот случај тажно, но, вистинито тоа не е ни приближно така, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој додава дека на ова патување Македонија се соочува и се справува со таканаречени билатерални прашања и не може да оди напред, иако, како што вели, испорачува се кога станува збор за пристапот за членство во ЕУ, но, заснован на заслуги. Претходната Влада, според него, без резултати дома и во обид да остане на Власт прифатила уште една промена на Уставот, нешто што не може да го испорача и со тоа ја довела земјата во тешка ситуација во однос на членството во Унијата. Но, потенцира премиерот, оваа Влада се бори тоа да го надмине, а во меѓувреме работи на развој на земјата.
-За жал, ние испорачуваме сè кога станува збор за пристапот заснован на заслуги, но потоа секогаш се соочуваме со вештачки наметнати пречки пред нас. Прво беше промената на нашето уставно име, нема потреба да ве потсетувам што се случи во тоа време. Сега повторно имаме дополнителен услов, повторно промена на нашиот Устав. И она што ме плаши повеќе е фактот дека практично овој процес никогаш не завршува. Никој не може да ви гарантира дека ова е последното. Нашот случај е посебен случај – вели Мицкоски во интервју за Атлантскиот совет.
Нашиот случај, нагласува, не е ни блиску до претходната институционална меморија на претходните земји кои станаа членки на ЕУ, затоа што го започнавме процесот дури и пред Хрватска, со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација пред повеќе од 25 години.
-Заедно со нив станавме земји кандидати. Заедно со нив го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на преговорите. За жал, оттогаш не можеме да започнеме поради некои вештачки причини. Треба да работиме заедно со ЕУ – нагласи македонскиот премиер.
Додаде дека Македонија е на истото место каде била пред 26 години.
-Тажно, но вистинито, и многу е фрустрирачки и разочарувачки за граѓаните на мојата земја. И покрај фактот што тие направија како никој друг во име на евроинтеграциите и проширувањето, за жал ние сè уште сме во лобито или би рекол во гардеробата, не сме ни во лобито, и чекаме да ни се отвори прозорец – вели тој.
Во врска со пораките на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, да се спроведе договореното во 2022 година со 27-те земји членки на ЕУ, што значи одобрете ги уставните измени што ги бара Бугарија и дека нема план Б Македонија вели дека претходната влада поради неуспехот да испорача резултати дома се согласила на се само да остане на власт.
-Претходната влада не успеа да испорача резултати дома и практично рекоа: „Еве, дајте ни бел лист хартија, ние ќе прифатиме сè“. И тоа го направија. Се обврзаа да го променат Уставот, знаејќи го фактот дека тоа беше многу слаба влада, без двотретинско мнозинство во Собранието. Во тоа време бевме во опозиција и ги предупредувавме да не го прифаќаат ова, бидејќи со прифаќањето на овој бел лист хартија ќе го уништат процесот на проширување на ЕУ за мојата земја. За жал, не беа доволно паметни и прифатија сè, Меѓу условите, повторно имаме барање за дополнителна измена на Уставот. Во нашата Преамбула имаме реченица во која се вели дека Македонија е земја на македонскиот народ и Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците… Нашиот источен сосед побара да се продолжи со коса црта – Бугарите и другите. Сега Преамбулата завршува со „Бошњаците и другите“. Што е нешто многу чудно, бидејќи меѓу „другите“ ги имате и сите граѓани на мојата земја, меѓу кои е и бугарската заедница. А зборуваме за заедница која според последните пописни податоци брои приближно 3.000 луѓе. Не зборуваме за 300.000, ниту 3 милиони, ниту 300 милиони – зборуваме за 3.000 граѓани. Зошто треба да го направиме тоа? Зборуваме за човекови права. Ако зборуваме за човекови права: ние сме политичари, не сме експерти за човекови права. Како политичари, можеме само да го злоупотребиме ова прашање. Постои институција во Европа одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. Таа институција е Судот за човекови права во Стразбур и Советот на Европа. Пред неколку месеци Советот на Европа рече: ја прекинуваме пост-мониторинг и мониторинг мисијата за мојата татковина бидејќи сите демократски стандарди се исполнети – појасни македонскиот премиер.
Исто така, напомена дека во последните неколку години, Судот во Стразбур пресудил во корист на македонската заедница во Бугарија 14 пати дека човековите права на македонската заедница што живее во Бугарија биле прекршени од бугарските власти, а како што рече, нула пати за бугарската заедница во мојата земја.
-Имаме резултат 14 спрема нула во корист на македонската заедница во Бугарија во однос на бугарската заедница во мојата земја. Како можеме да објасниме и оправдаме дека ова барање е дел од пристапот заснован на заслуги? Бидејќи зборуваме за заслуги — што прави врска помеѓу заслугите и барањата на локалната заедница? Одговорот е не. Можам да го разберам правилото на ЕУ засновано на едногласност. Ова е принцип и веројатно сите земји членки ќе бидат едногласни и ќе ја имаат истата порака. Но, имајќи предвид дека во минатото го сменивме знамето, Уставот неколку пати, уставното име, и секогаш пораката беше: „Направете го ова и ова е последното, нема да има дополнителни пречки пред вас“ — ние слушавме. Но, за жал, на истото место сме каде што бевме пред 26 години – дециден е премиерот.
Затоа вели, оваа Влада има предлог да се направат измените веднаш во Собранието, но да стапат во сила (со одложено дејство) кога ќе ги завршиме преговорите и кога сите Парламенти на сите земји членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол.
-Ова е гаранција дека нема да има дополнителни пречки и дека ова е последното – рече премиерот Мицкоски.
Во однос на тоа дали и покрај тоа што од перспектива на Брисел и земјите од ЕУ, кои велат дека потпишале договор со легитимна влада и оти имаат договор кој е на сила, и не го прифаќа предлогот на оваа Влада, ќе останат на својот став Мицкоски вели дека ќе продолжат да работат бидејќи, како што вели, ова не е прашање на дневна политика.
-Ова е нешто што го отвора патот во иднината за мојата земја. Јас не сум таков тип политичар кој би сакал да влезе во авантура без предвидлив и догледен крај на таа авантура. Ние не сме нервозни. Ја движиме нашата економија: растот на БДП за вториот квартал беше 4,3 отсто сме меѓу првите три земји со најдобар резултат во Европа. Се обидуваме да се развиваме врз основа на владеењето на правото, привлекување странски директни инвестиции, високотехнолошка индустрија, испорачување на реформската агенда и Планот за раст. Можеби еден ден некој ќе се сети кои се вистинските вредности на Де Гаспери, Шуман и Аденауер, и можеби некој навистина ќе зборува за пристап заснован на заслуги и овој процес на малтретирање врз мојата земја ќе престане. Дотогаш ќе работиме да ја развиваме земјата и ќе продолжиме да бараме решение – потенцира премиерот.
Додава дека се обидуваат да помогнат и да се борат со сопствени сили, но во исто време ја објаснуваат вистинската вистина пред светот.
-Секако дека разговараме со нашите стратешки партнери и секако дека разговараме со Вашингтон за овој предизвик. Не гледам ништо проблематично во тоа. И ќе продолжиме да разговараме со стратешките партнери кога се соочуваме со предизвици. Дали ќе бидеме успешни, не знам, но од оваа перспектива верувам дека ситуацијата е сосема поинаква во споредба со пред три години, особено за ова прашање. Само уште една забелешка: претходната влада прифати на нелегален начин нешто што не е во можност да го испорача. Бидејќи ако прифаќате услов за кој е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот, а го менувате со просто мнозинство, тоа е нелегална постапка. И за жал, тие не ги предадоа само граѓаните, туку ја предадоа и самата ЕУ. Ние ќе се бориме за нашата вистина и ќе ја пренесеме реалната вистина на светот. Не знам дали ќе бидеме успешни, но на крајот на денот нашата борба не е само наша борба. Затоа што злоупотребата на едногласноста и применувањето булинг од некои земји членки врз земји кандидати, преку нашиот пример, може да им помогне на другите. Затоа што ако едно исклучување стане пракса, тогаш за какви вредности зборуваме – вели Мицкоски.
Денешниот разговор е дел од иницијативата „Балканот напред“ на Центарот за Европа, која работи на одржување на Западен Балкан на надворешнополитичката агенда во Вашингтон и на олеснување на дијалогот и анализите за најгорливите прашања со кои се соочува регионот.
Премиерот Мицкоски со владина делегација е во посета на Соединетите Американски Држави (САД). Предвидено е да има средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција DFC, со државници и со влијателни тинк-тенк организации. Мицкоски престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинешното собрание на Обединетите нации во Њујорк, пренесува МИА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: Членството во ЕУ треба да е…
Пристапот за членство во ЕУ треба да…
Макрон свика вонреден состанок со политичкиот врв:…
Францускиот претседател Емануел Макрон свика вонреден состанок…
Трамп: Mоже да тргнeме во масовни напади…
Американскиот претседател Доналд Трамп се приближува до…
Србија отвори фабрика за израелски дронови, Вучиќ…
Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека денеска…
Едно лице загина од шрапнели од дрон…
Еден човек загина, а двајца се повредени…