Мицотакис: Солун ќе биде новата престолнина на Балканот
Солун има амбиција да добие нова улога – не само како престолнина на Северна Грција, туку и како „престолнина на Балканот“. Оваа порака ја упати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на форумот за Националната стратегија за регионален и локален развој на Северна Грција, одржан во градот под мотото „Солун продолжува напред. Го кажавме. Го направивме“.
Мицотакис ги претстави реализираните владини проекти во Солун и ги најави плановите со кои градот треба дополнително да ја зацврсти позицијата како важен транспортен, економски, образовен и здравствен центар во регионот.
Меѓу приоритетите се проширувањето на метрото, изградбата на надвозник кој треба да го растовари обиколниот пат, како и уредувањето на просторот пред саемскиот центар. Премиерот стави акцент и на инвестициите во образованието и здравството.
Особено внимание беше посветено на новата педијатриска болница, која се очекува да биде изградена во првите месеци од 2027 година со донација од фондацијата „Ставрос Ниархос“. Според Мицотакис, таа ќе биде најмодерната детска болница на Балканот.
Но амбициите на грчката влада ги надминуваат границите на Северна Грција.
„Солун се трансформира и ја враќа својата природна улога не само како престолнина на Северна Грција, туку и како престолнина на Балканот во целина“, изјави Мицотакис.
Зад оваа политичка порака стојат конкретни инфраструктурни и инвестициски проекти. Пристаништето, железничките врски, поврзувачката инфраструктура и изградбата на првиот голем логистички центар во Северна Грција се дел од стратегијата Солун да стане природна порта не само кон Северна Грција, туку и кон Балканот и Источна Европа.
Со тоа градот се позиционира како важна точка на пресек меѓу Медитеранот, Балканот и европските пазари – улога која би можела значително да ја промени економската и транспортната карта на регионот.
Во фокусот на премиерот беше и автопатот „Егнатија“ – еден од стратешките инфраструктурни проекти на Северна Грција, чија изградба била замислена и започната во времето на неговиот татко, Константинос Мицотакис.
Грчката влада најави инвестиции за модернизација на автопатот во вкупна вредност од над 300 милиони евра, со рок за реализација од две години.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицотакис: Солун ќе биде новата престолнина на…
Солун има амбиција да добие нова улога…
Инвеститорите губат интерес за грчките „златни визи“…
Речиси половина од важечките дозволи за престој…
Како грчките земјоделци молзеле средствата од Европа…
Неодамнешните скандали со земјоделските производи ја натераа…
Се подготвува ли „црна листа“ на гости…
Додека туристите со години ги оценуваат хотелите,…
(Видео) Трагедија во Грција: Брачна двојка на…
Пилотот- грчки државјанин и британски брачен пар…