Протести и во Грција: Ученици, студенти и просветни работници бараат подобри услови
Грчки студенти денеска поставија шатори во близина на парламентот во Атина, протестирајќи против високите трошоци за домување, објави дневниот весник „Катимерини“.
Студентите ги поставија шаторите за да ја поминат ноќта таму, во пресрет на маршот на средношколците што е закажан за утре.
Ова е втора ваква акција во рок од неколку дена. Студентите протестираат против високите трошоци за домување низ целата земја.
Средношколците планираат марш со кој ќе побараат поквалитетно јавно образование, зголемено финансирање, помали паралелки, повеќе персонал, како и попристапни цени во училишните кантини.
Слични протести се најавени и во Солун, како и во други градови низ земјата.
Ученици, студенти и просветни работници планираат протести во повеќе од 50 грчки градови во среда, со главни барања за итно решавање на недостигот од кадар, безбедни училишни згради, повисоки плати, бесплатни префрлувања меѓу универзитетите и поголемо финансирање на јавното образование.
Протестите се закажани за напладне кај Пропилеите во Атина, а во 11:30 часот кај статуата на Венизелос во Солун. Според податоците на Министерството за образование, во понеделникот низ земјата биле окупирани 17 училишта, со вкупно 3.494 ученици.
Учениците протестираат против паралелките со по 25 до 27 ученици, барајќи нивниот број да се намали на 15, како и против високите цени во училишните мензи. Тие укажуваат и на состојбата на училишните објекти, меѓу кои и училишен комплекс во Атина, кој е затворен додека не се утврди причината за мирисот на гас.
Според сознанијата на „Катимерини“, претставници на Министерството за образование се состанале со регионалните директори за образование со цел да спречат ширење на училишните окупации, со намера тие да завршат во рок од еден ден.
Синдикатот на наставници ДОЕ повика на 24-часовен штрајк во среда, додека синдикатот ОЛМЕ најави прекин на работата од 11 до 14 часот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Разбиена голема мрежа за даночни измами во…
Грчките власти разбиле голема мрежа за даночни…
Разбиена мрежа за шверц на мигранти во…
Грчката полиција разби наводна мрежа за шверц…
Грција ги забрани социјалните мрежи за деца…
Децата помлади од 15 години во Грција…
Протести и во Грција: Ученици, студенти и…
Грчки студенти денеска поставија шатори во близина…
Грчките инвестиции во енергетскиот сектор на Романија…
Говорејќи на третото издание на „Кодексот на…