Муцунски: Мора да има одговорност за ширење паника и дезинформации од страна на опозицијата

t

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител ТВ се осврна на, како што рече, ширењето лажни вести и дезинформации од страна на СДС.

„Ова е лоша траекторија по која се движи најголемата опозициска партија. Седум години го уништуваа системот и ја поткопуваа довербата на граѓаните во институциите, а сега, кога се обидуваме да изградиме стабилен систем, преку лажни вести и дезинформации се создава паника“, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека мора да постои одговорност за ширењето лажни вести и предизвикувањето паника, потсетувајќи дека во изминатиот период опозицијата, според него, повеќепати создавала хистерија со тврдења дека нема да има плати и пензии, дека ќе има мигранти и дека надворешната политика не функционира.

„Наша обврска како политичари е да наоѓаме решенија за проблемите. Кога сме на власт, да ги решаваме, а кога сме во опозиција, да критикуваме конструктивно и тогаш кога критиката е основана. Мора јасно да ја разграничиме критиката од лагата и ширењето хистерија“, порача Муцунски.

Во тој контекст, тој посочи дека е потребен политички консензус за клучните прашања, но и одговорност кога со дезинформации се нарушува довербата во институциите.

„Треба да има одговорност за сите што шират паника и максимални казни доколку се докаже таквото постапување. Само така државата ќе функционира. Тоа не е обврска само на извршната власт, туку и на функционално и ефикасно правосудство кое треба да обезбедува правда“, нагласи Муцунски, додавајќи дека „преку ширење хистерија и лажни вести се губи довербата во системот“.

Осврнувајќи се и на тврдењата за наводни тајни разговори поврзани со надворешната политика, Муцунски категорично ги отфрли ваквите наводи.

„Тајни разговори или ‘разговори под радарот’ нема. Никогаш не сум кажал такво нешто и тоа лесно може да се провери“, истакна Муцунски.

Говорејќи за евроинтегративниот процес, тој оцени дека решението што го прифати претходната Влада е неприфатливо и дека неговата примена може да создаде дополнителна криза во процесот на европска интеграција.

„Нашата држава го промени своето име, а друг таков пример во Европа нема. Најмалку што заслужуваме е да бидеме оценувани и вреднувани врз основа на европските вредности и критериуми. Не смееме да дозволиме патот кон Европската Унија да нè обезличи како држава и како народ“, нагласи Муцунски.

Тој порача дека обврска на Владата е да продолжи да бара решение што ќе овозможи напредок кон Европската Унија, но притоа ќе ги заштити државните и националните интереси.

„На нас е да бараме решение – решение што ќе биде достоинствено и одржливо“, заклучи Муцунски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Колку и да сакаат да го…

Во случајов можам да кажам, дека имајќи…

НАТО спречил тајна руска операција кај клучни…

НАТО сојузниците спречиле руска подводна операција во…

Што да очекувате од новите генерации слушни…

Што да очекувате од новите генерации слушни…

Мицкоски: Владата е целосно ориентирана кон привлекување…

Ако се прави анализа во последните две…

Тешко повреден е работник од Берово откако…

Работник од Берово на 68-годишна возраст е…