Незаборавник: За Македонцките работи – Партение Зографски, “лозарите”, Мисирков и Конески

t

Незаборавник: За Македонцките работи(6.2)

Македонскиот јазик во 19-от и почетокот на 20-от век


/Кодификацијата на македонскиот јазик – од Партение Зографски, преку “лозарите“, “Лоза“, и Крсте Петков Мисирков до Блаже Конески/

‘’Литературниот јазик не е никој друг, ниту пак треба да е друг, туку суштиот тој.

Кој!? Народниот јазик.  – Значи, живиот јазик на кој народот зборува’’.

Јордан Хаџи Константинов – Џинот

 Почетокот на 19-от век е период кога Македонија е потоната во тежок мрак и простор каде многу белези на традицијата се опустуваат, па Пејчиновиќ својата животна мисија ја смета борба  за повеќе светлина, борба за општонародно просветување. Значи, монасите и учителите спроведуваат благородна татковинска задача да ја извлечат земјата од заостанатост, од состојбата за која Јордан Хаџи Константинов Џинот ќе ја спореди со пропаднатост во девет педи простотија. Во “Утешение грашним“ Пејчиновиќ користи поголема слобода на изразот, а како јазична основа е употребен тетовскиот говор. Овие автори несвесно отвориле неколку важни процеси на македонскиот јазик. Го сублимирале отпечатокот останат длабоко во колективната меморија што се јавува како рефлексија на духовните и на културните вредности кои со векови биле потиснувани, како од поробителот Отоманската Империја (економски и социјален), така и од духовниот насилник олицетворен во Цариградската патријаршија и грчката буржоазија. Тогаш за прв пат отпочнуваат размислувањата за некаков литературен јазик во Македонија, и тогаш почнуваат размислувањата и акциите за културна интеграција на Македонците. Овие раздвижувања овозможуваат да започне процесот на оформување на првичен македонски литературен стандард.

Подоцна, во средината и втората половина на 19-от век прашањето за нашиот литературен јазик се поставува веќе поодредено, поконкретно и поодлучно. Се јавуваат културни дејци и работници како што се Димитар Миладинов, Партение Зографски, и др. доволно образувани и национално освестени за да ги поставуваат  и третираат прашањата за културно-просветниот живот на македонскиот народ. Тие поведоа и дискусија каков треба да биде јазикот што ќе се употребува во македонските училишта, што значеше и поставување на прашањето за македонски литературен јазик. По ова прашање во 60-тите години од 19-от век се јавија две струења: првото, кое се залагаше за компромисно решение, т.е. за создавање на бугарско-македонски јазик, и второто кое беше за самостоен пат на македонската национална преродба, а во тој контекст и за самостоен македонски литературен јазик.

Така, од првата струја, Џинот бил за заеднички јазик со Бугарите, слично размислувал и Зографски, кој за основа на тој “среден“ заеднички јазик ги посочувал западномакедонските говори(при што во 12 точки ги дал главните карактеристики и специфичности на македонскиот јазик со кои тој се разликува од бугарскиот јазик), Жинзифов пишувал на македонски народен јазик со многу јазични особености на бугарските говори, русизми, србизми и црковнословенизми, а Прличев се залагал за еден вид словенски есперанто. Од друга страна, Пулевски бил категоричен поборник за самостојно решавање на македонското прашање, и имал кристално јасно становиште во врска со јазичното прашање. Според него македонскиот јазик е посебен јазик и се разликува од бугарскиот и српскиот јазик. Истомисленици со него се и членовите на Младата македонска книжевна дружина, т.е. “лозарите“, кои јасно ја истакнувале својата национална свест и се залагале за македонски јазичен стандард.

Млада македонска книжевна дружина, 1891г., Софија, раководена од охриѓанецот Коста Шахов, во 1892г. го издала списанието “Лоза“, со сепаратистичка ориентација. Во трудовите објавени во списанието македонските преродбеници употребувале посебни гласовни и правописни јазични карактеристики, со што промовирале посебен македонски јазик. Според списанието членовите биле наречени “лозари“, а движењето што го организирале “лозарско движење“. Во своите текстови лозарите се залагале за македонска национално-културна индивидуалност, со што изградуваа нов македонски јазичен стандард. Поради тоа биле обвинувани за македонски национален сепаратизам. Од бугарските власти биле прогонувани, апсени и затварани. Истакнати членови се Спиро Гулапчев, Ефтим Спространов, како и дел од основачите на идната Македонска револуционерна организација.

Претставниците на оваа струја дале добра основа и насока за Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски и Македонското научно-литературно другарство(1902г.), кои со своја комплетна национална програма, ќе го воведат македонскиот јазик во службена употреба(Устав на Другарството и книгата “За македонцките работи“).

Мисирков во првите години на 20-от век постави здрава основа за натамошна разработка и доработка на македонската стандардна јазична норма. Кодификацијата беше спроведена врз основа на принципот да се почитува народната основа на јазикот. Тоа значеше дека, си самото тоа што повеќе народни говори влегоа во основата на стандардниот јазик и во јазикот на народното творештво, не значеше дека тој јазик се ограничува само на еден говор. Основана и издржана е констатацијата дека кодификацијата на современиот македонски литературен јазик и правопис е започната и првично конституирана уште во 1903 година во рамките на МНЛД(Македонско научно литературно друштво) во С.Петерсбург.

Македонското научно литературно другарство формирано 1902г. во Петроград. Членови на другарството се Димитрија Чуповски, Крсте Петков Мисирков, Христо Шалдев, Хаџијанов Симеонов Антон, Драган Константинов Кусев, Христо Шалдев  и др. Ова другарство ја составува првата целосна, децидна и конкретна писмено дефинирана македонско национална програма, која ја доставува до османлиските и руските власти во вид на  меморандум и бара создавање на автономна Македонија со службен македонски јазик.

Креатор, научен фундатор и практичен реализатор на оваа кодификација на македонскиот јазик е К .П. Мисирков. Тој, уште како студент, три години пред издавање на книгата “За македонцките рабори“, ги разработува принципите на македонската азбука и на литературната норма, а со објавувањето на списанието “Вардар“(1905г.) научно ја дефинира кодификацијата на македонскиот стандард што со незначителни интервенции беше потврдена и озаконета во 1945г. фазата на слободниот развиток на современиот македонски литературен јазик и правопис, подоцна ја олицетворува филолошкиот резон на достојниот наследник на “лозарите“ и Мисирков – Блаже Конески, кој со своето дело се идентификуваше со корените на вековните традиции на својот народ.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…