Незаборавник: За Македонцките работи(2)

t

Крсте Петков Мисирков – историско око на Македонија

Крсте Петков Мисирков(1874 – 1926) е еден од најистакнатите личности на македонската историја. Личност на македонскиот 20 век. Виден македонски интелектуалец и општественик на преодот од 19ти во 20ти век. Уште како многу млад Мисирков се судри со суровите реалности на шеријатска Турција. Црковно-училишните пропаганди на Грција, Бугарија и Србија го поведоа по дипломатските канцеларии и министерските лавиринти на лицемерните европски сили. Така успеа да ја согледа вистината за себе, за напатениот македонски народ и за онеправданата Македонија. Тоа му помогна да ја формира својата личност, како современик на плејада на големи дејци за македонската кауза.


Тоа е генерацијата на Гоце, Даме, Ѓорче и Јане, на Чуповски, Мишајков и д-р Константиновиќ.
Генерација со знамените претходници, т.е. генерација следбеници на Партеније, Миладиновци, Шапкарев, Пулевски, Прличев, Џинот и Жинзифов, современици на Цепенков, Шахов, Гулапчев, Чернодрински и Спространов, но и на македонолозите Драганов, Хрон, Мазинг, Бодуен де Куертене, Лавров и др. Со голем број од нив Мисирков и лично контактираше, го проучуваше нивното дело, критички го опсервираше и објективно го оценуваше. Тоа и му помогна да ја напише епохалната за Македонците книга “За македонцките работи“ што е прв сеопфатен и обид за целосна кодификација на македонскиот јазик на научна основа. Во оваа книга Мисирков ги вградил и научно ги образложил сите прашања од историска, национална и државна важност за Македонија и Македонците. Во неа тој пластично ја отслика самобитноста и посебноста ма македонскиот народ и на македонскиот јазик. Од него можеме да учиме и научиме како се сака сопствената татковина, како треба да се негува сопствениот јазик, како да се почитува традицијата и како да се развива културата.

За правилно и објективно пак претставување и вреднување на неговото дело вреди да се даде краток приказ на ставовите ма Мисирков за најбитните македонски прашања:
1.) За народот, татковината и долгот кон неа/за народниот идеал – патриотизмот/. Секој човек, како член на некоја општина или на некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го тераат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Долгот кон народот е тесно поврзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно поврзан со поимот татковина. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек;

2.) За посебноста на Македонците и обединувањето. Нам ни треба внатрешно обединување меѓу себе: не ни требаат во Македонија ни Срби, ни Бугари, ни Грци, зашто не сме ни едното, ни другото , ни третото; не ни требаат патријаршисти, егзархисти, зашто ние сме само православни христијани. Делењето е вештачки создадено од балканските државички со намера да ја делат Македонија со стекот на околностите. И така имињата: Србин, Бугарин и Грк си ја ислужија својата служба во Македонија и за нив таму веќе нема место. Време е да ги замени едно општо за сите Македонски Словени име – името ‘’Македонец’’. Таа смена е само логична последица и се бара од околностите. Таа смена делумно веќе е настапена и не е далеку тоа време кога таа ќе триумфира;

3.) За јазикот. Значи, токму сега му е времето да се мисли за нашиот јазик, нашата национална литература и воспитувањето во националниот дух. Сега настапува времето за интерес за национално-религиозни прашања. Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник. Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светост, значи да му остане тој верен на духот на своите прадедовци и да почитува се што тие имаат направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. … Милост кон нашиот народ треба да имаме и ние, ако сакаме да му останеме верни на духот на нашите прадедовци. Мислата кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добиваме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше се што гледаме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и прадедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание. Ние имаме право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик ни е исто така наш непријател како и напаѓачот на нашата вера. Верата и јазикот – тоа се душата на еден народ … ;

4.) За православието. Православието – најстарата, најраспространетата и основната религија на сите македонски народности, за сожалување, сосем ја загубило од видот својата главна цел да сее братство меѓу народите, да ги облагородува срцата на верниците. Наместо тие благородни задачи, православието сее само раздор и омраза. Тоа е сега најглавното средство во рацете на разни пропаганди со чисто национални и политички задачи. Православието во Македонија сега до толку е искривоколчено што и не може да станува збор за една православна црква – сега таму има 3 цркви, но не православни: грчка, бугарска и српска. Зошто тоа да биде така?;

5.) За црквата. Зарем и црквата не треба да биде: Една, Соборна, Вселенска и Апостолска? Да. Црквата треба да биде имено Една и Соборна, а не српска, грчка и бугарска. Црквата кај нас си ја загубила својата главна цел, па затоа македонската интелигенција и народот имаат полно право да ги употребат сите свои сили за да ја лишат црквата во Македонија од чисто националните цели и да ги вратат овие цели што и ги заповедал нејзе нејзиниот Божествен Основач: да го проповеда евангелието на сите јазици, т.е. на сите народи и нивните јазици;
6.) За религиозните пропаганди во Македонија. Ако религиозните пропаганди се постараат да му го попречат на здружувањето на македонската интелигенција и македонскиот народ меѓу себе, тогаш првото нешто што ќе треба, тоа е да се образува во Македонија: Едина, Соборна Апостолска црква, т.е. да се востанови Охридската архиепископија што ќе биде Архиепископија всеје Македонии. Религиозните пропаганди можат да имаат нешто против здружувањето на македонската интелигенција и народот само од национални причини. Ако е така, тогаш природно е оти со барањето црковна реформа ќе се соедини и барањето училишна реформа, т.е. Архиепископијата ќе ја земе во свои раце училишната работа и ќе се сообразува во неа со народноста на својата паства: во грчките епархии и парохии ќе се учи во училиштето и ќе се служи во црквата на грчки јазик; во влашките – на влашки; во словенските – на македонски. Тогаш сите национални и религиозни пропаганди, коишто го цепеа народот на разни групи, непријателски една кон друга, ќе се от стараната и ќе настапи мир за народот, за Македонија, за Турција и за Европа.
Поради сето ова Крсте Петков Мисирков беше, е, и за секогаш ќе биде знаме на автономната македонска национална идеологија. Неговото име е синоним за вековната борба на македонскиот народ за културно-национална и државно-политичка афирмација. Тој дефинитивно е сестрана личност. Прв успешен кодификатор на современиот македонскиот литературен јазик и автор на првата книга и првото списание на тој јазик и правопис. Истовремено е и прв национален историчар што врз научна база ги постави основите на современата македонска историја, прв национален проучувач на македонскиот фолклор и етнографија, филолог, политички мислител и зачетник на македонската социолошка мисла. Врвен аналитичар на национално-политичките состојби на Балканот, културен деец и емигрант во Србија, Бугарија и Русија. Тој е и основоположник и најактивен учесник во историски значајните македонски национално-политички и научно литературни асоцијации во Белград, Софија, Одеса и Санк Петербург
Во континуитет од 25 години ја застапувал тезата дека, без оглед на нејзината задоцнета пројава, самобитноста на македонската нација не е ничиј импорт, некаков идеолошки или политички каприц, туку резултат на историски процес, вернакуларна, автохтона визија, специфична во својот развиток. И токму поради тој факт тој храбро, одважно и често ги употребувал поимите “Македонци“, “македонски народ“ и “македонска народност“. Неговата “мисирковштина“ е поим за незапирлива афирмација на современата македонска нација и култура и непробоен бедем за противниците на македонскиот развоен континуитет и за противниците на културно-историски ентитет и идентитет на Македонците. Затоа и важи за најкомплетен идеолог на македонскиот национален развој.

Познат е по мислите: “… Верата и јазикот се душата на македонскиот народ… Љубовта кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината… ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето…“. Исто така истакнува дека . ‘’Создаајнето литературен јазик јет дуовна потребност кај нас, со која се мислит да се клаит крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси, со кој требит да се создаит свој литературен и научен центар’’.

Оваа мисла што тој ја изрече во годината на Илинден е филозофијата на милениумски опстој на Македонците. Ова е национална стратегија за нација, јазик и држава изразена само во неколку мисли, јавно изразени напишани на хартија. Татковината, Македонија и народот, македонски се смислата на неговиот живот. Тој целиот свој живот и го посвети на нацијата и науката. Затоа е и наш најдобар пример за истрајност и патриотизам од неговите идеи гледаме дека е далековид и визионер, па така неговите трудови и денес не ја губат важноста и актуелноста. И да не заборавиме: Тој прв опоменува дека ако некој ни гиба во јазикот, значи ни пика прст во нашата душа. Нам само ни останува да ги следиме неговите пораки и да ја почитуваме неговата личност и неговото грандиозно дело. Затоа тој е историското око на Македонија, и нашиот завет е вечно да дишеме на македонски.

Сотир Костов

П.С.
Нека ни се честити 95 години од смртта на Мисирков и 118 години од издавањето на книгата “За македонцките работи“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

21 век: расистичка политика против врвен спорт

Насловот ниту е грешка, ниту пак претенциозен.…

Сотир Костов: Писма до Македонците – „Идеалот“…

Република Бугарија кукавички одново го става на…

(Видео) Боцевски открива како стојат работите: 3аев,…

Никола Димитров ги отвори картите – „нема…

Костов со Колумна го одбележа крајот на…

Ова е прикаска за големиот манипулатор, кој…

Колумна на Ристо Никовски: Мутации на бугарскиот…

Кога ќе навлезеш во калта, назад –…