Не е точно дека поранешниот претседател на Казахстан слетал од Македонија во Бишкек

t

Не е точно дека поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек, Киргистан слетал од Македонија, велат од македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ), откако руската медиумска агенција РИА Новости објави дека два приватни авиона, наводно на семејеството Назарбаев, слетале на киргистанскиот аеродром Манас во Бишкек, едниот од Македонија, а другиот од Обединети Арапски Емирати. По кратко време, двата авиона заминале од Киргистан.

РИА за оваа вест цитира локални медиуми од Казахстан. Во западните медиуми сеуште нема вести за евентуално бегство на Назарбаев од Казахстан.

Од македонските воздухопловни власти потврдуваат дека вчера, на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек со 3 патници. Авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек. Но, авионот нема никаква врска со Казахстан, експретседателот Назарбаев и евентуалното негово пребегнување.

Рутата по која се движел авионот ја нема на офцијалните воздухопловни веб страници што го следат авиоособраќајот на радар.

Од АЦВ велат дека станува збор за најавен и одобрен бизнис лет со авион од типот „бомбардиер глобал експрес“ од турски оператор што ги исполнува сите услови и барања, односно што ја доставил целокупната потребна документација за да добие одобрение од македонските воздухопловни власти.

81-годишниот Назарбаев е првиот претседател на Казахстан по осамостојувањето со распаѓањето на Советскиот сојуз, славен како „татко на нацијата“. Беше на власт скоро 3 децении, до 2019 кога го наследи од него лично избраниот Касим-Жомарт Токаев. Назарбаев остана да владее во сенка како претседател на моќниот Совет за безбедност на државата.

Но, откако изминатава недела почнаа и станаа жестоки немирите и протесите во Казахстан предизвикани од покачувањето на цената на гасот, Токаев ја распушти владата и објави дека тој ќе биде на чело на Советот за безбедност на местото на Назарбаев. Руски експерти за РИА Новости велат дека по ова Токаев ќе ги смени и другите функционери избрани од кругот на Назарбаев.

На барање на Токаев, на 6 јануари во земјата пристигнаа 2.500 припадници на регионалните сили предводени од Русија. Според руските медиуми, овие мировни трупи ќе останат во земјата неколку дена или недели, со цел да ги штитат државните и воените инсталации. Токаев на 7 јануари соопшти дека дека им наредил на безбедносните сили „да пукаат без предупредување“, при насилното задушување на антивладините протести. Тој изјави дека „20.000 бандити“ го нападнале главниот град Алма Ата, епицентарот на протестите, и ги обвини „терористите“ обучени од странство, без да даде докази. Министерството за внатрешни работи соопшти дека во немирите досега се убиени 26 „вооружени криминалци“ и 18 полицајци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хаос на летот од Брисел за Скопје:…

Патник се соблекол гол до појас, викал…

Хорор во САД: Авион удри во зграда,…

Мал авион се урна во американската сојузна…

Украински амбасадор се извини за изјавата дека…

Украинскиот амбасадор во Казахстан и се извини…

Во авионот кој се урна во Балтичкото…

Мал авион „Цесна“ се урна вечерва во…

Авион кој требало да слета во Германија…

Авионот кој летал од Шпанија за Германија,…