Никовски: Владата и Заев пaднaa заради Бугарија

t

Политиката има строги правила, чија логика се следи и разбира само ако се познаваат состојбите. Македонската политичка сцена, пак, е релативно едноставна: ем сите знаат што и зошто се случува, ем главната улогата ја играат нашите не избрани гувернери, коишто безгрешно диригираат. Во клучните прашања за државата и народот, токму тие го имаат главниот збор. Ќе наброиме само мал дел од тоа зад што целосно стојат токму тие: привремената спогодба со Грција (1995), ОРД (2001), Пржино (2015), договорите со Бугарија (2017) и Грција (2018) и клучно и најважно – законот за албанскиот јазик (2017), со којшто Македонија практично се федерализира и се заокружи најважната етапа од бришењето на македонизмот. Незамисливо е, во име на државата, претставници на малцинство да зборуваат на својот јазик. Тоа го нема никаде, во ниту една унитарна држава. Тоа не е човеково право туку неуставно рекомпонирање на државата.

Изјавата на Димитров, со која се дистанцира од политиките кон Бугарија, не треба да изненадува, иако неговиот случај е поспецифичен. Се сеќава ли некој како тој беше окарактеризиран од поранешниот американски амбасадор во земјава, Рикер? Ако се знае тоа, станува појасно зошто Димитров доби клучна улога во главниот проект за разнебитување на Македонците, потпишан од него во Нивици. Таму, всушност, тој ја заврши својата мисија. Според историските искуства, таквите личности се потоа товар занивните ментори, и треба што поскоро да се тргнат. Им доаѓаат како сведоци за злосторство бидејќи народот никогаш не ги заборава ваквите предавства.


Работите за Димитров се измешаа кога жртвувањето на основните македонски стратегиски интереси не заврши во Нивици. Напротив, власта тргна во погубна авантура кон Софија, која беше надвор од умот. Со искуството од Нивици, сакаа да жртвуваат се’ што останало македонско, ама јавноста, а потоа и народот, претходно целосно посрамен во Нивици, се освестија и одлучно рекоа – НЕ! Така, Заев и Димитров, коишто беа дел од решението, наметнато од странците, одеднаш станаа дел од проблемот. Затоа се пуштени нив вода. Откако го потпишаа договорот со Бугарија, можеби несвесни каква глупост прават, овие исти личности се покажаа неспособни да го имплементираат. Така се дискредитираа кај нивните ментори и колата им тргна прудолу. По Пржино, и рушењето на Груевски, ова е втор пат странците директно и без пардон, да ни рушат влада и избираат премиер, повторно за разнебитување на македонизмот. Не треба да има грам сомнеж дека владата ни падна токму заради ќор-сокакот во кој беше доведена државата во односите со Бугарија. Борисов беше сменет од бројни причини, а дали и колку и ќор-сокакот со Македонија влијаеше, ќе треба да одговори некој таму. Тој и Заев, со своите неумности, ги насукаа и посрамотија не само двете соседни земји, туку и ЕУ и САД. Вината е главно во Софија, која се прецени и Македонија ја блокира со апсурдни уцени во Брисел, иако и нашите недоветности не смеат да се потценат. Токму затоа се и овие наши жртви, вклучувајќи ја и целата Влада. Отфрлени се тие коишто цело време го виткаа ‘рбетот и нудеа претерани отстапки, коишто Бугарија неодговорно ги користеше. Димитров, секако заслужено ја доби својата шут карта. Понудата, пак, за амбасадор во САД е логична.

Со оглед на цајтнотот во којшто беа доведени односите со Бугарија, странскиот фактор неизбежно започнаа и процес на селекција во рамките на надворешно – политичкиот дел од владата. Додека некои беа изгубени во вселената, други знаеја, или наслутуваа, што се случува и што ќе следува и почнаа да ги менуваат своите ставови по ова прашање. Факт е дека Димитров, како што сега и самиот тврди, во последната година или приближно, се дистанцираше од одредени изјави на другите функционери. Беше максимално дискретен, ама познавачите тоа го чувствуваа. Неговата сегашна изјава предизвика бура од реакции, ама никој не ги негираше неговите обвинувања, дури ни Османи, кој беше најдиректно посочен дека решение сакал што побргу и по секоја цена. Димитров е сосема во право кога го тврди тоа. Арно ама, факт е дека до сега зад Османи стоеше Заев, и затоа тиквата пукна дури сега, откако Димитров извиси од новата влада. Ако неговите критики на владините политики биле искрени, своите несогласувања морал одамна јавно да ги изнесе бидејќи во прашање е судбината на македонскиот народ. Чекал, бидејќи очигледно имал големи амбиции и до последен момент се надевал на функција. Тоа го потврдува и самиот кога вели дека странците сметале дека тој требало да биде новиот премиер! Кои странци, не кажа, ниту зошто тие треба да ни одредат кој треба да биде? Или, самиот е навикнат на надворешни решенија? Впрочем, логична претпоставка е дека токму така, во 2016, Димитров влезе и во првата екипа на власта иако не беше член на СДСМ. Се’ заедно, во никој случај не може ниту да се намали неговата улога во огромните утки во однос на Софија, последниве две години, камоли да се избрише. Нивици, пак, којшто е најголемиот пораз на Македонците во историјата, и да не го спомнуваме

Моментално, Нивици е во мирување. Целосно и максимално ќе дојде до израз откако ќе ги започнеме преговорите со Унијата. Дури тогаш, според блокадите и пречките коишто секојдневно ќе ни ги поставуваат Атина и Софија, нема да се знае кој од двата предавнички договори е полош, иако сега ни изгледа бугарскиот. Атина само и дозволува на Софија да не пердаши, со цел да им ги олесни нивните претстојни задачи. Тие се во блиска координација, во секој поглед и, како се чини, договорот им бил Атина да ни го сотре идентитетот а Софија – јазикот. Премиерот Мицотакис („Вечер“ од 15/1/22) отворено најави дека во пристапниот процес на Македонија во ЕУ – „Грција ќе има можност… да се извлечат евентуалните слабости (од Нивици) онолку колку што тоа го дозволува правната рамка“. А таа, дозволува практично се’. И нивните блокади ќе следат, и тоа на дневна основа. Никој не треба да се сомнева во тоа. Проблемите на Македонија со Бугарија и Грција воопшто не се решени туку се само отворени и, со капитулантските договори, ставени на маса. Расплетот е во тек и последиците уште долго ќе траат.

Специјалниот пратеник, пак, Бучковски, е колатерална штета. Покажувајќи преголема желба за личен успех, тој само се посрамоти, што беше бесмислено бидејќи реалната улога му беше – поштар. И тој како и Османи, сакаше по секоја цена, и што поскоро да капитулираме и мавташе со некаква бесмислена заедничка историја. Беше спремен да ги жртвува и народот, и државата… само за да го оправда своето крајно некадарно и непотребно ангажирање. Како поранешен премиер, непромислено прифати недостојна улога, за нешто за коешто нема никакви стручни познавања. Неочекуваното разрешување, веројатно го освести. Потребни беа суптилни дипломатски методи, техники и тактики и на негово место мораше да биде некој со дебело дипломатско искуство. Со оглед дека таквите кадри кај нас се дефицитарни, требаше и мораше веднаш да се бараат и странски експерти. Со такви зад себе, и Бучковски можеше да биде корисен. Меѓутоа, сите ние знаеме се’, а странски експерти не ни требаат и, второ, целта на власта беше да капитулираме а не да победиме. Бучковски целосно ја прифати таа политика. Иако не е доволно јасно зошто го поставија, останува претпоставката дека Заев планираше бргу да им попушти на Бугарите и се плашеше дека Османи, како Албанец, ќе биде премногу експониран на критики и дека Бучковски може да биде некаков баланс. Демек, не нѐ предадоа само Албанците, тука е и Бучковски!

Некој ќе праша – а, зошто Османи остана? Причините се бројни. Во врска со погрешните политики во однос на Софија, како извршител, тој носи поголема одговорност дури и од Заев и Димитров. Оценката е дека како Албанец, намерно е донесен во МНР, за најлесно да се процесира бришењето на македонизмот. Шефот на дипломатијата има големи можности да влијае врз процесот и ако го сменат, нема да има основа повторно да постават Албанец, а неговата улога се’ уште не е завршена. Ова е потврда дека странскиот фактор соодветно ја цени неговата посветеност што побргу да не фрли во прегратките на Софија, како што точно вели Димитров. Не треба да забораваме дека и Османи, како и Заев и Димитров, е алатка во американски раце и работи за нивните интереси. Тој не ги заборава и албанските. Ако успее да ги избриши Македонците, ќе биде голем херој во албанската историја.

Сега е се’ во рацете на новиот премиер и многу бргу ќе знаеме што ќе следува со Бугарија. Ќе се видат и новите замисли на странците, коишто неизбежно ќе бидат во позадина. Не е воопшто случајно што Петров доаѓа толку бргу. Целта е проѕирна – тој ќе демонстрира спремност за соработка, што ќе биде поздравено и од Брисел, и од Вашингтон, и ќе ги продолжи истите бугарски политики кои се таму веќе цементирани. Секаде ќе има чувство дека се напредува кон решение, коешто за нас ќе биде недостижно. Особено ќе бидат среќни членките на ЕУ кои не сакаат проширување, Франција… Така ќе биде се’ додека Македонија не го сврти листот и каже дека договорот за (не)пријателство со Бугарија веќе не важи. Се’ друго ќе биде самозалажување и губење време. Ако новиот премиер, како неговиот претходник, слепо ги следи странските инструкции, и нему пораз не му гине. Народот е веќе освестен и нема да толерира нови историски порази. Мора да се врати достоинството и на државата и на народот. Инаку, Македонија нема никогаш да влезе во ЕУ, макар уште утре да ги започне преговорите, коишто ќе траат најмалку 20 години. Полесно е да се прогнозира дека Унијата ќе се распадне, во што лично не верувам, отколку дека ќе се проширува, што нема да се случи.

За крај, само да заклучиме дека Македонија е доведена во безизлезна ситуација пред се’ заради нашиот политички и дипломатски аматеризам. Се’ се сведува на некаков билатерален проблем со Бугарија а таков, во суштината, нема. Не е и не може да биде билатерален проблем фактот што за Софија не постојат македонски народ, јазик, историја… малцинство… Тоа се нивни фантазмагории и историски синдроми. А тоа, што и ние сме прифатиле дека постои билатерален проблем, што во лице ни го плескаат и сите странци, свесни какви токмаци сме, едноставно значи дека ги легитимизираме бугарските небулози и будалштини. До кога ќе удираме со главата во ѕидот, зависи само од нас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…

Костов: Смрдеата од неисчистените Авгиеви штали на…

Денес ќе ви презентирам како блгарската историческа…