Од спонзорство на општинскиот клуб до паркинг-услуги во Центар – Како СДСМ ја „брани“ Македонија од српскиот свет

t

Горан Герасимовски денес е потпретседател на СДСМ, партијата што преку соопштенија и прес-конференции предупредува на ширење на српското медиумско влијание во Македонија. Како градоначалник на Центар, тој лично го потпиша четиригодишниот спонзорски договор меѓу МТЕЛ и КК Работнички, клуб во сопственост на Општина Центар. На истиот настан беа и тогашниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ.

Во тоа е политичката иронија. Додека СДСМ денес бара од актуелната власт одговори за влезот на српски медиуми, „Телеком Србија“ почна да работи на македонскиот пазар преку МТЕЛ во мандатот на владата на Зоран Заев. Во мандатот на Ковачевски компанијата ја прошири понудата со мобилна телефонија и интернет, а Герасимовски јавно ја претставуваше соработката со операторот во општината што ја предводи.

МТЕЛ го спонзорираше клубот во сопственост на Општина Центар

Сопственоста на КК Работнички ја објаснува улогата на Герасимовски на потпишувањето. Тој присуствуваше како градоначалник на општината што го поседува клубот. Договорот го потпишаа претставници на МТЕЛ и на Работнички, а според МКД.мк, четиригодишното спонзорство било вредно 1,4 милиони евра. На настанот Ковачевски ги охрабри и македонските компании да ги поддржуваат домашните спортски клубови.

Соработката со МТЕЛ во Центар се прошири и надвор од кошарката. Во мај 2024 година, Герасимовски објави дека ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ склучило договор со операторот со кој неговите корисници добиле пристап до паркинг-услугите на претпријатието.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека овој договор е показател за посветеноста на двете компании кон современи услуги за граѓаните.

„Договорот со кој ЈП ПОЦ го воведува мобилниот оператор МТЕЛ за наплата на паркинг со СМС ќе овозможи поголема флексибилност и ефикасност за корисниците на паркинг услугите на ЈП ПОЦ. Тоа исто така значи и воспоставување на долгорочно партнерство со компанијата. ЈП ПОЦ ја прави достапна оваа услуга за сите граѓани со цел да ги задоволи потребите на сите граѓани“, смета Герасимовски.

Од првиот салон во мандатот на Заев до средбата на Лучиќ со Ковачевски

Според „Телеком Србија“, МТЕЛ добил лиценца во јули 2021 година, додека премиер беше Заев. На 16 ноември истата година, Лучиќ и тогашниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ, го отворија првиот продажен салон на улица Македонија во Скопје. Почетната понуда беше сателитска телевизија. Во октомври 2022 година, кога премиер веќе беше Ковачевски, МТЕЛ почна да нуди и мобилна телефонија и интернет.

 

На работна средба со Ковачевски, Лучиќ ги претставил плановите на групацијата за натамошно проширување на македонскиот пазар. Компанијата најавила инвестициски циклус од 50 милиони евра и 200 нови вработувања. Според тогашната изјава на Лучиќ, од влезот во земјава дотогаш биле вложени четири милиони евра и биле ангажирани 80 лица.

Што критикува СДСМ денес

Во август 2026 година СДСМ побара да се испита влезот на, како што го нарече, „српската медиумска машинерија“. Во септември, Венко Филипче предупреди дека влезот на српски медиуми може да доведе до концентрација на медиумското влијание. На друга прес-конференција конкретно ги посочи постапката во АВМУ за медиумите „Ало“ и прашањата околу функционирањето и финансирањето на „Еуроњуз“.

Токму Герасимовски мора да објасни како е можна вака промена на политиките на СДСМ кога станува збор за инвестициите од соседна Србија. Тој како градоначалник, го претставуваше партнерството со МТЕЛ како придобивка за корисниците на паркинг-услугите, а претходно клубот во сопственост на неговата општина доби четиригодишно спонзорство од компанијата. Сега каок потпретседател на СДСМ, може да одговори каде партијата ја повлекува границата меѓу деловната соработка со групацијата и ризикот од медиумско влијание за кој денес предупредува.

Кривичните пријави против Лучиќ во Србија

Во 2025 година, српското здружение „Уставобранители“ поднесе кривична пријава против Александар Вучиќ и Владимир Лучиќ поради сомнение за трговија со влијание околу раководството на „Јунајтед медија“, во чиј состав се Н1, Нова С, „Данас“ и „Радар“. Пријавата следуваше откако КРИК и OCCRP објавија снимка од разговор меѓу Лучиќ и тогашниот директор на „Јунајтед груп“, Стен Милер. Според двете редакции, Лучиќ му пренел на Милер барање од Вучиќ за смена на директорката на „Јунајтед медија“, Александра Суботиќ.

 

На 4 ноември 2026 година, Игор Авжнер поднесе кривична пријава и дополнување против Лучиќ, Милер, Педро Варгас Давид и Брент Садлер. Во пријавата се наведуваат сомневања за злоупотреба на положбата, здружување за вршење кривични дела и повреда на слободата на говорот и јавното истапување. Српското Обвинителство за организиран криминал потврди дека пријавата и дополнувањето му се доделени на обвинител за разгледување.

Лучиќ ги отфрли наводите дека разговорите биле насочени кон слабеење на Н1 и поднесе своја пријава против непознати лица во врска со снимката. Вишото јавно обвинителство во Белград во декември 2025 година соопшти дека, според судски вештак, објавената снимка не е оригинална. „Јунајтед груп“ потврди дека разговорот се одржал, соопшти дека снимката не го прикажува целиот контекст и негираше политички притисок. Јавно објавените наводи во српските пријави се однесуваат на управувањето со „Јунајтед медија“ и не ги посочуваат Герасимовски, Заев, Ковачевски или СДСМ како учесници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од спонзорство на општинскиот клуб до паркинг-услуги…

Горан Герасимовски денес е потпретседател на СДСМ,…

Костовски до советниците од ДУИ и Влен…

Еднаш ќе отсуствувам од седница на совет…

Бугарија ја оданочува домашната ракија и забранува…

Новите даночни измени во Бугарија предизвикаа реакции…

Милатовиќ му одговори на Пленковиќ: Не е…

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ изјави…

Ајде да видиме сега дали ќе крадете!…

Посебно кривично дело за злоупотреби при јавните…