Повеќе од 200 лица евакуирани по руски напад со дрон во Украина
Повеќе од 200 лица биле евакуирани во областа Буча во Украина во текот на ноќта, откако руски напад со дрон предизвикал голем пожар и експлозии во магацин, соопштија локалните власти.
Тимур Ткаченко, шеф на Воената администрација на Киевската област, изјави дека најмалку шест лица биле повредени во нападот врз селото Мила и дека има и жртви.
„Нападот предизвика голем пожар. Огнот се прошири и на приватни станбени објекти. Пожарите во пет куќи и еден угостителски објект веќе се изгаснати“, напиша Ткаченко на Телеграм.
Тој додаде дека пожарот бил „проследен со експлозии“. Екипите на итната помош и спасувачките служби продолжуваат да работат на местото на инцидентот.
Канцеларијата на главниот обвинител на Украина соопшти дека е отворена предистражна постапка поради можна „небрежност“ поврзана со условите за складирање во магацинот.
„Особено ќе се проверува законитоста на поставувањето и складирањето експлозивни предмети и материјали на територијата на објектот, поседувањето на потребните дозволи и одобренија, како и постапките на службените лица кои ги донеле соодветните одлуки“, се наведува во соопштението.
На социјалните мрежи се појавија снимки, наводно направени во близина на местото на нападот, на кои се гледа огромна експлозија и огнена топка која се издигнува кон ноќното небо.
Руски напад со дрон уби едно лице во Херсон
Во саботата едно лице загинало и во руски напад со дрон врз Херсон, на југот на Украина.
Во нападот 44-годишно лице се здобило со повреди од експлозија и со шрапнели во пределот на градниот кош.
Уште две лица биле повредени во напад врз киевскиот округ Свјатошински, соопштија локалните власти.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија од 18 часот во петокот лансирала една противбродска ракета „Оникс“, една балистичка ракета „Искандер“ и 267 дронови кон Украина.
До саботата наутро, украинската противвоздушна одбрана соборила или „неутрализирала“ 233 од дроновите.
Москва и Киев во последните месеци ги засилија нападите со долг дострел, при што чести цели се логистичките и енергетските објекти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика украинските сили дополнително да ги засилат нападите длабоко на руска територија, поставувајќи цел од 1.000 лансирани дронови дневно.
„Во моментов во просек лансираме повеќе од 300 дронови со долг дострел – мора да има повеќе“, изјави тој во видеообраќање во петокот вечерта.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Повеќе од 200 лица евакуирани по руски…
Повеќе од 200 лица биле евакуирани во…
Американскиот Стејт департмент ги предупреди американските граѓани…
Американскиот Стејт департмент ги предупреди американските граѓани…
Туск: Русија подготвува ескалација во Украина и…
Полскиот премиер Доналд Туск денес во Олстин…
Зеленски ѝ нареди на армијата да лансира…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека…
Се запали една од најголемите руски рафинерии,…
Украински беспилотни летала ноќеска ја погодија рафинеријата…