Поради закани за атентат од Иран: Американскиот министер за финансии итно преселен во воена база
Американскиот министер за финансии Скот Бесент е преселен од својот дом во Вашингтон во строго обезбедувана американска воена база, поради разузнавачки информации за наводни ирански закани по неговиот живот, објавуваат „Ројтерс“ и „Њујорк тајмс“.
Според американските медиуми, одлуката била донесена откако безбедносните служби процениле дека заканите кон високи претставници на администрацијата на претседателот Доналд Трамп стануваат сè посериозни.
Висок претставник на американската администрација за „Фокс њуз“ изјавил дека заканите кон Бесент достигнале ниво кое е „повеќе од напредна фаза“, поради што тој и неговото семејство биле преместени на безбедна локација.
Бесент е еден од главните архитекти на американската кампања за економски притисок врз Иран, позната како „Operation Economic Outcast“, чија цел е дополнително да ја изолира иранската економија преку финансиски санкции, ограничувања на меѓународните трансакции и блокада на иранските пристаништа.
Според „Ројтерс“, безбедносните ризици дополнително се зголемиле откако „Волстрит журнал“ објавил воздушна фотографија од неговата резиденција во Џорџтаун, вредна околу 12,5 милиони долари. Фотографијата овозможила прецизно идентификување на локацијата на неговиот дом.
Американското Министерство за финансии го потврди преместувањето, нагласувајќи дека Бесент нема да дозволи заканите да го одвратат од спроведувањето на економската политика против Техеран.
„Министерот нема да биде заплашен од заканите на иранскиот режим и останува посветен на спроведувањето на операцијата за економска изолација и одржувањето на блокадата“, соопшти портпарол на Министерството.
Според американските разузнавачки проценки, Иран значително ги интензивирал активностите насочени против сегашни и поранешни американски функционери, а одредени наводни планови за напади достигнале напредна фаза.
Сепак, засега не се објавени конкретни докази за природата на заканите против Бесент, ниту е познато дали постоел непосреден план за атентат.
Иран претходно ги негираше обвинувањата дека планира напади врз американски функционери на територијата на САД.
Преместувањето на еден од највисоките американски економски функционери во воен објект претставува дополнителен показател за сериозноста со која Вашингтон ги третира безбедносните ризици во услови на продолжениот конфликт со Иран.
Според американските медиуми, Бесент не е единствениот висок функционер кој добил засилена заштита, а повеќе претставници на администрацијата на Трамп во изминатиот период биле преместени во воени бази или други обезбедувани објекти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Поради закани за атентат од Иран: Американскиот…
Американскиот министер за финансии Скот Бесент е…
Зеленски категоричен: Нема да го предадам Донбас…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли…
Објавата на Топ ченел има политичка заднина…
Претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамет…
Москва oд Абу Даби: НАТО да се…
Русија го покрена прашањето за враќање на…
ЗАРЕМ И ПО 63 ИЗГУБЕНИ ЖИВОТИ, КОРУПЦИЈАТА…
На денешното судско рочиште, градежните експерти ги…