Работна средба во Општина Делчево за проектирањето на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево!
Во просториите на Општина Делчево се одржа работна средба со претставници од иневститорот ЈПДП и проектантската куќа посветена на размената на информации и податоци во рамки на изработката на проектната документација на ниво на идеен проект со физибилити студија за изградба на експресниот пат А3, на делницата Кочани – Виница – Делчево, информираат од Општина Делчево.
Во продолжение нивната објава на Фејсбук:
– Идејниот проект и физибилити студијата треба да бидат завршени на почетокот на идната година по што ќе следува нова фаза од реализацијата буџетирање и избор на изведувач кој ќе ги работи и проектот и изведбата на патот.
На средбата беа презентирани предложените варијантни решенија за трасата на идниот експресен пат, кој треба да обезбеди современа и побрза патна поврзаност на Делчево со Кочани и останатите делови од државата.
Согласно со предложените решенија, трасата започнува пред градот Кочани, како поврзување со постојниот експресен пат, а кон Делчево се разгледуваат две варијанти. Првата варијанта е преку Драгобраште – Виничко и Бигла – Делчевско, во должина од околу 39 километри, додека втората предвидува траса преку Калиманско Поле – Виничко и Илиово – Делчевско, во должина од околу 40 километри, следејќи ја трасата на стариот пат М-27 кон Делчево.
Изградбата на експресниот пат се очекува значително да го скрати времето на патување. Имено, за разлика од актуелното патување преку постојниот магистрален пат А3, кое трае околу 50 минути, со новата патна врска се очекува времето на патување да се намали приближно за половина.
Побрза патна врска – поголема безбедност и подобра достапност до здравствените услуги
За Делчево, како општина лоцирана во најисточниот дел на државата, изградбата на експресниот пат има особено значење. Состојбата на постојниот магистрален пат А3, карактеристична по чести одрони, ограничувања на брзината и поминување низ населени места, ја наметнува потребата од современо сообраќајно решение кое ќе овозможи побезбеден и поефикасен транспорт.
Посебно значење има и здравствениот аспект. Ограничените можности за обезбедување одредени здравствени услуги во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и потребата од навремено транспортирање на пациентите до Клиничката болница во Штип, а сè почесто и до клиничките центри во Скопје, ја прават брзата и безбедна патна комуникација од исклучителна важност. Тоа е особено значајно и при интервенции во случаи на сообраќајни незгоди, кога секоја минута може да биде пресудна за здравјето и животот на повредените.
На сериозноста на состојбата укажуваат и податоците за сообраќајните незгоди на магистралните и регионалните патишта на подрачјето на Општина Делчево, прибрани во соработка со ОВР Делчево и Полициската станица од општа надлежност Делчево. Во изминатите 12 години евидентирани се над 200 сообраќајни незгоди со вкупно 11 смртни последици.
Стратешко значење за економскиот и регионалниот развој
Покрај сообраќајната безбедност и здравствената достапност, новиот експресен пат се очекува да создаде услови за забрзан економски развој на источниот регион, полесен транспорт на стоки и услуги, подобра поврзаност на населените места и поголема достапност до економските, образовните, здравствените и другите јавни услуги.
Историски и географски гледано, Делчево и Пијанец отсекогаш имале значајна сообраќајна и комуникациска улога. Преку овој простор поминува една од најкратките природни врски меѓу долината на реката Вардар и долината на реката Струма. Богатото археолошко наследство на регионот, со наоди од неолитскиот и халштатскиот период, како и остатоците од античките патни комуникации, сведочат за неговата историска поврзаност со поширокиот регион.
Една од значајните римски комуникации водела од Астибо (денешен Штип), преку Виница и Бигла, кон Пауталија (денешен Ќустендил), поврзувајќи се со патните правци кон Драч и Солун. – стои во објавата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Работна средба во Општина Делчево за проектирањето…
Во просториите на Општина Делчево се одржа…
Потпишан договор вреден над 40 МИЛИОНИ ДЕНАРИ…
Делчево ќе добие реконструирана и модернизирана градска…
Родителите на загинатите: Ако надлежните навреме постапеле…
Адвокатот Петре Шилегов повторно бара Јавното обвинителство…
Израелски хирурзи повторно дојдоа во Македонија за…
Израелските хирурзи од Шеба повторно во Македонија…
Голем пожар во автобуска компанија во Кочани
Голем пожар утрово ја зафати автобуската компанија…