Разбиена голема мрежа за даночни измами во Грција: 18 уапсени, штета од над 203 милиони евра

t

Грчките власти разбиле голема мрежа за даночни измами, која натрупала долгови кон државата и Фондот за социјално осигурување ЕФКА во износ од над 203 милиони евра. Во акцијата, спроведена од специјализираниот тим ДЕОС при Независната управа за јавни приходи (ААДЕ), уапсени се 18 лица, соопшти Управата на 7 ноември.

Операцијата била наречена „Сламени луѓе“. Според истрагата, во изминатите три години шемата користела 4.200 даночни идентификациски броеви и повеќе од 2.000 компании преку кои се создавале неплатени даночни обврски и придонеси за социјално осигурување.

Од вкупната сума, 68 милиони евра се однесуваат на неплатен ДДВ и данок на доход кон ААДЕ, додека дополнителни 135 милиони евра се долгови за придонеси кон фондот ЕФКА.

Истрагата опфатила повеќе од 700 деловни адреси во Солун, Халкидики и други делови на Грција. Компаниите главно работеле во угостителскиот сектор и во ноќните клубови.

Истражителите идентификувале 1.300 лица кои формално биле заведени како сопственици и управители на компании, како и уште 700 лица за кои постои сомнение дека фактички ги контролирале бизнисите, но останувале зад формалната сопственичка структура.

Според ААДЕ, вистинските сопственици го прикривале своето учество преку лица заведени како управители и единствени содружници на компаниите.

Луѓе со сериозни здравствени проблеми регрутирани како фиктивни сопственици

Еден од методите за пронаоѓање лица кои ќе послужат како формални сопственици бил регрутирање луѓе со сериозни здравствени проблеми. Според истрагата, тие најчесто биле барани пред болницата „Теагенио“ во Солун и болницата „Агиос Савас“ во Атина.

На овие лица им биле нудени мали парични суми за да се регистрираат како управители на компании. Тие немале вистинска улога во работењето на фирмите, кои потоа натрупувале долгови без намера тие да бидат платени.

Тројца сметководители и адвокат ја организирале мрежата

Според истражителите, клучна улога во создавањето и функционирањето на шемата имале тројца сметководители и еден адвокат. Тие ја организирале регистрацијата на компаниите и управувањето со мрежата на фиктивни сопственици.

Адвокатот е осомничен дека користел фалсификувани полномошна за да обезбеди дозволи за компаниите од општинските власти, противпожарните служби и здравствените институции.

Меѓу 18-те уапсени се сопругата на еден од бизнисмените, како и познат актер и модел. Според соопштението на ААДЕ, актерот признал дека бил користен како фиктивно лице за месечен надомест од 200 до 700 евра.

Во истрагата учествувале 60 инспектори на ААДЕ и седум обвинители. При претресите во луксузни вили на еден од бизнисмените биле пронајдени оружје, полначи за оружје, скапи часовници и пари.

Истрагата утврдила и дека дел од осомничените на социјалните мрежи објавувале фотографии од луксузни патувања на егзотични дестинации.

Операцијата „Сламени луѓе“ е дел од пошироките активности на грчките власти против организираните даночни измами и избегнувањето на обврските за социјално осигурување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Разбиена голема мрежа за даночни измами во…

Грчките власти разбиле голема мрежа за даночни…

Разбиена мрежа за шверц на мигранти во…

Грчката полиција разби наводна мрежа за шверц…

Грција ги забрани социјалните мрежи за деца…

Децата помлади од 15 години во Грција…

Протести и во Грција: Ученици, студенти и…

Грчки студенти денеска поставија шатори во близина…

Грчките инвестиции во енергетскиот сектор на Романија…

Говорејќи на третото издание на „Кодексот на…