Рама: Ова не е студентски протест, градот е заложник на маскирани лица
Премиерот на Албанија, Еди Рама, реагираше пред една од запалените киосци, коментирајќи ја ситуацијата што настана за време на протестите. Според него, случувањата немаат никаква врска со студентско движење.
Рама изјави дека протестите добиле поинаков правец и дека маскираните лица што учествуваат во насилни инциденти не ги претставуваат студентите.
„Ова не се студентите, целиот овој пламен не е студентски“, изјави Рама, осврнувајќи се на насилството и материјалната штета предизвикани за време на протестите.
Премиерот обвини дека зад случувањата, според него, стојат истите сили што ја презеле контролата врз албанската опозиција.
„Сето ова е истата рака што ја фати албанската опозиција за грло и која повеќепати палела и уништувала, не само во Албанија“, изјави Рама.
Покрај обвинувањата за насилство и уништување имот, премиерот им се обрати и на граѓаните и малите претприемачи во Тирана, чии бизниси се погодени од случувањата.
„Сакам да им кажам на сите оние на кои им навираат солзи во очите пред вакви настани и кои живеат од мал бизнис во Тирана дека не се сами. Кога ќе помине овој пламен, ќе бидеме тука со нив“, рече Рама.
Тој го спомена и разорниот земјотрес што ја погоди земјата, посочувајќи го обновувањето како пример за тоа како заеднички можат да се надминат тешкотиите.
„Сакам да им кажам дека се соочивме со страшен земјотрес, со последици, не дај Боже, уште поголеми, и успеавме заедно. Денес, оние што ги загубија домовите за 30 секунди живеат во подобри и поцврсти куќи“, изјави премиерот.
Рама продолжи со реакциите на протестите во Тирана, обвинувајќи дека малолетници се вовлекуваат во насилни дејства и тврдејќи дека зад немирите стојат интереси чија цел е да го попречат патот на Албанија кон Европската Унија.
„Како може малолетници да бидат поттикнувани да носат маски, да ги откорнуваат тротоарите што секојдневно се одржуваат со вашите даноци и да пукаат кон полицијата? Како може животите на малолетниците да бидат доведени во опасност со нивно исфрлање на улиците за туѓи агенди?“, праша Рама.
Премиерот зборуваше и за, како што ја опиша, вмешаноста на странски сили кои, според него, не сакаат Албанија да биде мирна и насочена кон европската интеграција.
„Старата лоша рака што ја следи Албанија како проклетство денес е поддржана од други раце, странски, кои не сакаат Албанија да биде мирна, да гледа во вистинската насока, да напредува и да се справува со проблемите за да се подобрува. Тие не сакаат Албанија да биде дел од ЕУ“, изјави тој.
Рама го доведе во прашање и моментот во кој се одржуваат протестите, тврдејќи дека тие не се случајни и дека имаат цел да создадат пречки во процесот на европска интеграција на земјата.
„Дали ви се чини случајно што веднаш штом се отвора уште едно зелено светло, тука избувнува пламен? Не е случајно. Сето ова не е случајно“, рече премиерот, опишувајќи ја ситуацијата како тест за земјата.
Сепак, Рама нагласи дека студентите, претприемачите и граѓаните имаат право да бараат подобрување на условите и решавање на проблемите. Тој истакна дека владата мора да направи сè што може за да одговори на нивните барања.
„Студентите, претприемачите и сите обични луѓе имаат право да бараат повеќе. Проблемите постојат, а ние сме тука да го направиме најдоброто што го знаеме и умееме, обидувајќи се да учиме и да правиме повеќе“, изјави Рама.
На крајот, премиерот рече дека Тирана се променила благодарение на упорната работа и ја отфрли можноста за повлекување пред насилството, повикувајќи на трпение и истрајност.
„Кој и да вели дека треба да се наведнеме пред насилството за да имаме малку мир, греши. Трпение, и ова ќе помине. Кога ќе помине, ќе излеземе од ова, како што излеговме и од други искушенија — посилни и посвесни за заедничкиот предизвик што е пред нас“, заклучи Рама.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Парламентарни избори во Албанија, Рама се надева…
Во Албанија денеска се одржуваат 11. по…
Рама: Договорот за прифатни центри за мигранти…
Албанскиот премиер Еди Рама, договорот за прифаќање…
Рама го пофали Курти за прифаќањето на…
Албанскиот премиер Еди Рама се огласи на…
Рама: Разочаран сум од ЕУ
Албанскиот премиер Еди Рама, се чини не…
Премиерите на Црна Гора и Албанија едногласни:…
Премиерите на Црна Гора и Албанија, Дритан…