Родителите на загинатите во Пулс: Изразуваме искрена и недвосмислена поддршка за Јавното обвинителство

t

63 згаснати животи. 63 ангели. 63 причини вистината да излезе на виделина!

Изразуваме искрена и недвосмислена поддршка за Јавното обвинителство, за неговата посветеност, професионалност и решителност во борбата за утврдување на вистината и одговорноста за најголемата трагедија што го зави Кочани во црно.

На претходното судско рочиште, преку внимателно осмислени, прецизни и аргументирани вкрстени прашања, обвинителството успеа да ги изнесе на виделина сериозните противречности во исказот на вештакот Петре Русевски, доведувајќи ја во прашање веродостојноста на неговите тврдења и неговиот обид за прикажување фактичка состојба различна и спротивна на онаа што произлегува од стручните наоди, заклучоците и доказите утврдени од вештаците на Градежниот факултет.

Особено е значајно што обвинителството не дозволи противречностите да останат неразјаснети, туку преку непосредно соочување на вештакот со конкретни факти и докази ја истакна неопходноста секое стручно тврдење да биде засновано врз објективни, проверливи и научно поткрепени сознанија.

Во судница во која се одлучува за одговорноста за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите, за селективно толкување на доказите или за обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило.

Затоа, ваквиот пристап на обвинителството заслужува поддршка, со очекување дека истата доследност, решителност и професионалност ќе продолжат до целосното расветлување на трагедијата.

Но, зад сите правни аргументи, вештачења, докази и судски рочишта стои една неизмерна човечка болка.

Стојат 63 прерано згаснати животи. 63 насмевки што никогаш повеќе нема да ги видиме. 63 неостварени соништа и иднини кои сурово беа прекинати. Стојат родители што никогаш повеќе нема да ги прегрнат своите деца, семејства чии домови засекогаш останаа празни и една цела заедница која продолжува да живее со рана што никогаш нема целосно да зарасне.

Токму затоа, ова не е само судска постапка. Ова е борба за вистината, за достоинството на загинатите, за правдата што ја заслужуваат нивните семејства и за одговорноста што општеството им ја должи на сите 63 невини жртви.

Нашите 63 ангели не можеме да ги вратиме. Но можеме и мораме да се избориме нивната смрт да не остане без вистина, без одговорност и без правда.

Нема заборав. Нема молк. Нема откажување.

За нашите 63 ангели – вистина и правда!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Родителите на загинатите во Пулс: Изразуваме искрена…

63 згаснати животи. 63 ангели. 63 причини…

Ристовски го пречека светскиот шампион Марко Џорлев…

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во…

Поднесена кривична пријава против охриѓанец за детска…

При претресот биле пронајдени и одземени десктоп-компјутер…

Во Хром од канализациски колектор извадени теписи,…

Теписи, черги, остатоци од влажни марамчиња, облека,…

ДЗС: Потрага по исчезнатото лице крај Вардар…

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) активира…