САД ги укинаа санкциите кон Иран, Трамп: Ќе направам што морам ако Техеран се однесува несоодветно
Соединетите Американски Држави одлучија привремено да ги суспендираат дел од санкциите кон Иран во период од 60 дена, по првите разговори одржани во рамки на новиот мировен договор меѓу двете земји. Американскиот претседател, Доналд Трамп, порача дека Вашингтон ќе реагира доколку Техеран не ги исполни обврските преземени со договорот.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека разговорите со иранските претставници во Швајцарија поставиле добра основа за постигнување траен мировен договор. Сепак, иранските власти демантираа дека веќе започнале разговори за нивната нуклеарна програма.
На средбата одржана во швајцарското одморалиште Биргеншток, со посредство на Пакистан и Катар, двете страни усвоиле патоказ за постигнување конечен договор во рок од 60 дена. Воедно бил договорен и механизам за прекин на судирите во Либан меѓу Израел и Хезболах, како и воспоставување комуникациски канал за безбедно движење на трговските бродови низ Ормутскиот Теснец.
Како дел од првите мерки за економско олеснување, американското Министерство за финансии одобри привремено изземање од санкциите до 21 август, со што на Иран му се овозможува да извезува нафта и нафтени деривати и да добива приходи од нивната продажба.
Во меѓувреме, официјални лица известуваат за значително намалување на насилствата во Либан. Израел, иако не е директна страна во мировниот договор, минатата недела се согласи на нов прекин на огнот во Либан, а либанските власти тврдат дека судирите значително стивнале од саботата навечер.
Венс оцени дека разговорите биле успешни и изрази оптимизам за конечен договор. Според него, Иран се согласил да им овозможи пристап на нуклеарните инспектори и да воспостави механизми за управување со замрзнатите средства во странство.
Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека прашањата поврзани со нуклеарната програма сè уште не биле тема на разговорите и дека Техеран не презел нови обврски.
„Доколку Иран не го почитува договорот или не се однесува соодветно, ќе направам што морам да направам“, изјави Трамп пред новинарите.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, соопшти дека Техеран обезбедил олеснувања за извозот на нафта и петрохемиски производи, како и ослободување на дел од замрзнатите средства во странство, кои ќе бидат насочени кон обнова и развој на земјата.
Техничките разговори меѓу двете страни треба да продолжат и во текот на оваа недела, додека дипломатските напори се насочени кон постигнување трајно решение и стабилизирање на состојбите на Блискиот Исток.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД ги укинаа санкциите кон Иран, Трамп:…
Соединетите Американски Држави одлучија привремено да ги…
Мицкоски ја обвини Бугарија за закани кон…
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоција…
Бугарија преговара за укинување на визите во…
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава…
Во битолското земјоделско училиште се запишале само…
Министерката за образование и наука Весна Јаневска…
Уставните судии си ги вратија повисоките плати,…
Повисоките плати за претседателот и судиите на…