Се сложија за нешто: Власта и опозицијата контра барањата на Кацарска за уставни измени

t

Сега не е време за отворање на Уставот, децидни се и од власта и од опозицијата откако претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска на вчерашната средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери побара измени на Уставот за да се воведе институтот уставна тужба.

Според првичните позиции на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Кацарска ќе треба да почека на подобри времиња за пратениците да обезбедат консензус за отворање на Уставот. За измени на Уставот потребно е двотретинско мнозинство, односно 81 пратеник, а засега и власта и опозицијата не се за отворање на највисокиот правен акт.

Власта стравува дека ако сега се отвори Уставот, тоа ќе предизвика отворање на Пандорината кутија, односно дека измената на највисокиот правен акт нема да се сведе само на воведувањето на уставната тужба. Власта смета дека сега не е погоден момент за отворање на Уставот особено во контекст на барањето на Бугарија, македонските Бугари да бидат впишани во Уставот како услов за почеток на преговорите со ЕУ.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против отворање на Уставот, но со други аргументи зошто сега не е време за тоа.

-Прво да си оди оваа власт, па ќе разговараме за отворање на Уставот. Што да отвора власта, па уште на барање на Кацарска, кога ништо што требаше, не затвори. Еден убав сончев ден можеби ќе дојде до измени на Уставот, сега ни стојат на глава кризите, ни претстои најтешката зима. Граѓаните треба да бидат исплашени од кризите и секако дека приоритет не се барањата на Кацарска за воведување уставна тужба. Има многу други поприоритетни барања за граѓаните – вели за „Слободен печат“ Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателката на Уставен суд, на средбата со државниот врв го отворила прашањето за воведување уставна тужба, за што побарала поддршка, откако Судот ќе биде комплетиран.

– Со воведувањето уставна тужба ќе се отвори можноста граѓаните побрзо да дојдат до правда, наместо со години да чекаат одлуки од Европскиот суд за човекови права и да не се изложуваат со големи трошоци пред судот во Стразбур – изјави Кацарска.

Таа прецизираше дека за да се воведе уставната тужба мора да се промени Уставот и да се прошират надлежностите на Уставниот суд.

– Кога велам проширување на надлежностите, тоа значи повеќе работа за Уставниот суд. Убедена сум дека сите политички партии, сите претставници во парламентот ќе ја поддржат оваа идеја, затоа што ова ќе биде првпат да се отвори Уставот за прашања кои што ги засегаат буквално сите граѓани, без оглед на пол, национална, верска, политичка припадност. Тоа е добробит за сите граѓани и верувам дека тука ќе има консензус помеѓу сите -рече Кацарска.

Официјално нема детали дали Кацарска добила ветувања за поддршка од Пендаровски, Ковачевски и од Џафери за отворање на Уставот. Неофицијално, државниот врв бил согласен дека воведувањето на институтот уставна тужба е за доброто на граѓаните и на државата, но проблем е да се обезбеди консензус за отворање на Уставот. Од Уставен, пак, коментираат дека прашањето е дали пратениците ќе имаат доблест да го отворат Уставот само за да се воведе уставната тужба, без било какви други барања, бидејќи таа е во полза на граѓаните без оглед на етничката, верската и друга припадност. Воведувањето на уставната тужба, освен преку измени на Уставот, е можна и со проширување на Деловникот за работа на Уставниот суд, но од Судот велат дека поголема тежина и подобро би било за граѓаните тоа да оди со измени на Уставот.

Во плурална Македонија имало случаи кога пратениците го отворале Уставот наменски, односно само за конкретна измена. Последниот таков случај е измената на Уставот за промена на уставното име на државата во контекст на Преспанскиот договор. Но, сега речиси никакви се шансите пратениците да обезбедат консензус за отворање на Уставот за вметнување на уставната тужба, без отворање на други прашања.

Последната позиција на шефот на државата од февруари годинава е дека Уставот пречесто се отворал и дека сега не е време за тоа, а во контекст на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.

–Имате политички субјекти кои веќе сега најавуваат дека не само намалување на бројката пратеници туку и дека некои други прашања би можеле да се отворат. Уставот, практично, се отвора на инсистирање на Софија и сега е на дневен ред – кога би се менувал ако ние решиме да ги вметнеме и Бугарите во Уставот. Така што, сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот. Ако ме прашате мене, не ни треба. Сега на Република Македонија не ѝ треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа – изјави тогаш Пендаровски.

Од партиите на Албанците не добивме став дали би прифатиле промена на Уставот за вметнување на уставната тужба. Но, од претходно познато е барањето на албанскиот политички блок дека ако се отвори Уставот ќе бараат наместо формулацијата заедница од над 20 проценти во Уставот да се впише Албанци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Маричиќ: Ова ќе бидат најлесните уставни измени

Владата ќе биде таа што ќе иницира…

Тоа ќе остане: СДСМ за пет години…

Од денеска работат двете нови патарини на…

Устав како тоалетна хартија: Египќаните бараат да…

Египќаните од Македонија преку своите здруженија испратија…

Пендаровски за “Етнос”: Слаби се шансите да…

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот…

Николоски: Нема да дозволиме уставни измени!

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното…