СНС едногласно одлучи: Вучиќ носител на листата и кандидат за премиер

t

Главниот одбор на СНС на денешната седница во Ниш едногласно одлучи партијата на претстојните парламентарни избори да настапи со листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, со Александар Вучиќ како носител и прв на листата.

Дополнително, СНС го предложи Вучиќ за свој кандидат за претседател на Владата на Србија.

Одлуката ја соопшти претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, кој истакна дека партијата на изборите ќе настапи со Вучиќ како централна фигура на изборната листа.

Седницата на Главниот одбор се одржува во Ниш, а на неа присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ. СНС претходно најави дека на седницата ќе ја утврди изборната листа за парламентарните избори.

Претседателката на Собранието на Србија и членка на раководството на СНС, Ана Брнабиќ, оцени дека претстојните избори ќе бидат исклучително тешки и одлучувачки за иднината на земјата.

Таа порача дека СНС ќе се спротивстави на, како што ги нарече, „анонимните пленуми и собири“, како и на луѓето кои, според неа, стојат зад нив и биле финансирани или организирани од странство.

Брнабиќ ја пофали досегашната политика на Вучиќ, наведувајќи дека за време на неговото раководење значително се зголемиле пензиите и просечните плати, а во земјата биле изградени патишта и железници, отворени нови работни места и намалена невработеноста.

Таа истакна и дека во изминатите години биле инвестирани средства во болници, клинички центри, училишта и научно-технолошки паркови, додека српската армија, според неа, била зајакната.

„Александар Вучиќ е персонификација на слободна, силна, суверена и победничка Србија“, порача Брнабиќ, додавајќи дека, според неа, политичката цел на неговите противници е негово соборување.

Обвинувања за насилство

Во својот говор Брнабиќ се осврна и на протестите и блокадите во Србија. Таа ги обвини противниците на власта за серија инциденти и насилство, посочувајќи ги Ниш, Нови Сад, Ваљево, Врњачка Бања и други градови.

Според неа, протестите не се организирани од студентите, туку од политички структури и луѓе кои, како што тврди, стојат зад студентските пленуми и собири.

„Не се бориме против студентите“, порача Брнабиќ, додавајќи дека СНС на својата изборна листа ќе има, како што рече, повеќе студенти отколку таканаречената „студентска листа“.

Нејзините изјави доаѓаат во време на зголемени политички тензии во Србија. Студенти во блокада претходно повикаа на протест во Ниш по повод доаѓањето на Вучиќ и седницата на Главниот одбор на СНС.

Вучиќ најави брзо распишување на изборите

Само еден ден пред седницата, Вучиќ изјави дека изборите ќе ги распише за неколку дена, најдоцна на 9 или 10 септември.

Како можни датуми за одржување на парламентарните избори претходно беа споменувани 18 и 25 октомври.

Со денешната одлука на Главниот одбор, СНС практично го потврди изборниот настап со Вучиќ како носител на листата и кандидат за премиер, доколку партијата ја добие довербата на граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СНС едногласно одлучи: Вучиќ носител на листата…

Главниот одбор на СНС на денешната седница…

Родители на момче во Србија: Го силувалe…

Родителите на основното училиште „Татомир Анѓелиќ“ во…

Казна од 3.000 евра за државјанин на…

Државјанин на Србија е казнет со вкупно…

Истражување: Студентската листа води пред Вучиќ

На парламентарните избори во Србија, листата на…

Јадранка Косор повика Хрватска да ги блокира…

Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор ја повика…