Студентската листа ја освои Србија, сега отвора врати кон Брисел: Први разговори со ЕУ за демократски реформи
Претставници на Студентската листа, која победи на изборите во Србија, оваа недела ја одржаа својата прва средба на високо ниво во Брисел. Сепак, разговорите беа насочени кон внатрешните прашања во земјата, а не кон обновување на односите со Европската Унија.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, се сретна со делегација на политичката групација која убедливо победи на изборите минатиот месец и понуди поддршка од ЕУ за спроведување на домашните реформи.
Движењето, кое произлезе од повеќемесечните студентски протести, освои апсолутно мнозинство во парламентот, ставајќи крај на 14-годишното владеење на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ.
Во Брисел, промената на власта во Белград ги зголемува надежите за обновување на односите со највлијателната земја во Западен Балкан. Сепак, албанскиот премиер Еди Рама во изјава за „Еуроњуз“ оцени дека новата српска влада веројатно нема да го признае Косово, што останува една од главните пречки во односите со Унијата.
„Србија има шанса за нов почеток. Новата српска влада има можност да сврти нова страница, да ги зајакне демократските институции и основните права и да ги преземе неопходните чекори за напредок на патот кон членство на Србија во ЕУ“, им порача Кос на европратениците во Комитетот за надворешни работи во средата.
На сослушувањето таа потврди дека претходно во неделата се сретнала со претставници на Студентската листа, во период кога Европската комисија ја финализирала годишната процена на земјите кандидати за членство.
Во извештајот се посочуваат негативни трендови во областа на основните права и постојаната антиевропска реторика на српските власти. Сепак, периодот што го опфаќа извештајот завршил пред изборите, па нивниот исход не е земен предвид.
„Се сретнав со претставници на Студентската листа. Разговаравме за многу прашања, меѓу другото и за тоа дека нивната главна цел сега е Србија повторно да стане демократска земја“, изјави Кос.
Средбата се одржала во понеделникот попладне во Брисел, на покана на комесарката. На неа присуствувале четворица претставници на Студентската листа, кои ѝ порачале дека нивниот приоритет е враќање на владеењето на правото и демократијата во Србија – за доброто на Европа, но пред сè за сопствените граѓани.
Движењето произлезе од протестите по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Несреќата предизвика голем гнев во јавноста и обвинувања за широко распространета корупција и негрижа за време на владеењето на СНС.
„Демонстрантите во Србија го бараат истото што Европската Унија го бара од Србија: борба против корупцијата, слободни и независни медиуми, слободно и независно судство, добрососедски односи и, секако, стратешко усогласување со Европската Унија. Подготвени сме да ѝ помогнеме на новата влада да ги спроведе сите неопходни реформи“, додаде Кос.
Разговорите биле насочени кон внатрешните прашања, а не кон процесот на проширување, бидејќи неправилностите на неколку избирачки места го одложуваат конечното утврдување на изборните резултати, а со тоа и формирањето на новата влада.
Студентската листа сè уште не ги разјаснила своите лидерски структури и плановите за состав на владата, па делегацијата настапила како група. Европската комисија одбила да потврди кои лица учествувале на средбата.
Ова била првата средба на високо ниво на партијата со висок претставник на ЕУ. Според објавениот распоред на Европската комисија, тој ден не се сретнала со ниту еден друг комесар.
Покрај формирањето влада, Студентската листа – изборна коалиција составена од политички новајлии, меѓу кои професори, лекари и студенти – ја очекува уште еден голем тест: претседателските избори, кои треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.
Знаците за политичко престројување веќе се видливи: поднесе оставка директорот на јавниот радиодифузен сервис РТС, уапсени се високи полициски функционери, а одземена е и оперативната лиценца на банка за која се верува дека е поврзана со структурите блиски до СНС.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Студентската листа ја освои Србија, сега отвора…
Претставници на Студентската листа, која победи на…
Мицкоски: Членството во ЕУ значи промена со…
Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски учествуваше…
ЕК: Уставните измени и реформите во правосудството…
Македонија и во најновиот извештај на Европската…
Европската комисија ги повикува граѓаните да подготват…
Европската комисија претстави нови насоки со кои…
Притвор за Мацура и вработени во Алта…
Вишиот суд во Белград им одреди притвор…