ЕК: Уставните измени и реформите во правосудството остануваат клучни предизвици за Македонија на европскиот пат
Македонија и во најновиот извештај на Европската комисија останува без позначаен напредок во процесот на пристапување кон Европската Унија. За разлика од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои ќе добијат патокази за членство, земјава не е вклучена во оваа група. Европската комисија повторно укажува дека уставните измени, реформите во правосудството и борбата против корупцијата се меѓу главните области во кои се потребни дополнителни резултати.
Во делот за политичките критериуми, Комисијата констатира дека не биле преземени чекори за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година. Станува збор за обврската во Уставот да бидат вклучени и граѓаните кои живеат во земјава и се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите.
Во извештајот се посочува и потребата од дополнителни напори за подобрување на дијалогот и меѓусебната почит со Бугарија. Европската комисија препорачува продолжување на билатералната соработка, вклучително и преку заедничките проекти на Коридорот 8, како и доследно спроведување на постојните договори со соседите – Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во однос на односите со Грција, ЕК забележува дека поединечни членови на Владата и високи функционери не секогаш го користат уставното име на државата, што, според Комисијата, може негативно да влијае врз добрососедските односи.
Правосудството и борбата против корупцијата остануваат во фокусот
Значаен дел од извештајот се однесува на независноста и ефикасноста на правосудниот систем. Европската комисија оценува дека политичкото влијание врз судството и јавните критики кон судии и обвинители остануваат причина за загриженост.
Како пример се наведува заедничката реакција од ноември 2025 година на Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии, кои предупредија дека јавните изјави од високи политички претставници можат да ја поткопаат поделбата на власта и независноста на судството.
Комисијата препорачува забрзување на спроведувањето на Стратегијата за судски реформи, целосна примена на новите закони за Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, како и навремена ревизија на Законот за јавното обвинителство. Се посочува и потребата од пополнување на испразнетите судски места, подобрување на кадровските капацитети и обезбедување соодветни финансиски средства за судството и обвинителството.
Во областа на борбата против корупцијата, ЕК оценува дека корупцијата и натаму е широко распространета и претставува сериозен предизвик. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба, според Комисијата, не ги отстраниле целосно последиците од измените од 2023 година.
Посебно се укажува на потребата од пошироко дефинирање на злоупотребата на службената положба во јавните набавки, како и од решавање на прашањето за влијанието на законските измени врз застарувањето на кривичното гонење.
Според извештајот, постапките за корупција на високо ниво често се соочуваат со одложувања, а дел од нив завршуваат со застарување. Поради тоа, Европската комисија препорачува усвојување нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, усогласени со европското законодавство и меѓународните стандарди.
Дополнително, се бара поефикасно и потранспарентно истражување и гонење на високата корупција, донесување конечни судски одлуки и поефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот. Воедно, се нагласува потребата од зајакнување на кадровските и финансиските капацитети на Јавното обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и подобрување на проверката на анкетните листови за имот од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Забелешки и во областа на човековите права, медиумите и јавната администрација
Во делот за човековите права, Европската комисија посочува дека граѓанските организации и бранителите на човековите права во одредени случаи се соочуваат со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за дискредитација.
Родово базираното насилство, вклучително и семејното, психолошкото, економското и сајбер-насилството, како и фемицидот, остануваат сериозни прашања. Комисијата забележува дека не се преземени доволно чекори за усогласување со европските стандарди во областа на недискриминацијата и еднаквоста, вклучително и родовата еднаквост.
И покрај реконструкцијата на дел од затворските објекти, вкупните услови во затворите и натаму се оценуваат како многу лоши.
Во однос на Собранието, во извештајот се наведува дека, и покрај постоењето јасен Деловник за работа, парламентот повторно не успеал да ја усвои својата годишна агенда.
Кај јавната администрација, Европската комисија го нотира донесувањето на Законот за високата раководна служба, но посочува дека тој има недостатоци во однос на составот на комисиите за селекција, методологиите за избор и вработување на раководни кадри, како и критериумите за нивно разрешување.
Во медиумската сфера, ЕК повторно ја нагласува потребата од целосна транспарентност на сопственоста на медиумите и распределбата на јавните средства за државно рекламирање. Се бара и институциите навремено да реагираат на заканите и насилството врз новинарите, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Во извештајот се опфатени и прашањата за конкуренцијата, државната помош и заштитата на интелектуалната сопственост.
Позитивни оценки за усогласувањето со надворешната политика на ЕУ
Како позитивен аспект се издвојува високото ниво на усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Сепак, Комисијата укажува дека остануваат предизвици во спроведувањето на рестриктивните мерки на ЕУ, особено поради временскиот период меѓу усогласувањето со нив и нивното формално стапување во сила.
Меѓуетничката состојба во земјата се оценува како генерално стабилна, а спроведувањето на Охридскиот рамковен договор продолжува. Сепак, ЕК наведува дека и натаму постојат одредени предизвици.
Забелешки има и во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Според Комисијата, дел од институциите ги одбиваат барањата или го одложуваат доставувањето информации врз основа на произволни образложенија.
Меѓу препораките за следниот период е и постигнување конкретен напредок во борбата против производството и трговијата со недозволени дроги.
Извештајот на Европската комисија ги сумира постигнатите резултати и областите во кои се потребни дополнителни реформи. За Македонија, клучните задачи и натаму се поврзани со уставните измени, независноста и ефикасноста на правосудството, борбата против корупцијата и доследното спроведување на преземените обврски во процесот на европска интеграција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕК: Уставните измени и реформите во правосудството…
Македонија и во најновиот извештај на Европската…
Европската комисија ги повикува граѓаните да подготват…
Европската комисија претстави нови насоки со кои…
Фон дер Лајен, Кошта и Марта Кос…
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…
Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но…
Досието на Македонија е многу сложено, но…
Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам…
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за…