Унгарија отвори дел од архивите на комунистичката тајна служба – на интернет достапни околу 60.000 имиња
Унгарија објави дел од достапните податоци од архивите на поранешната комунистичка државна безбедност, со што преку интернет ќе може да се пребаруваат околу 60.000 имиња од тие досиеја, изјави генералниот директор на Унгарскиот историски архив на службите за државна безбедност, Герге Бенедегуз Чех.
Чех за јавниот сервис „Радио Кошут“ изјави дека на интернет-страницата Nyitottaktak.hu ќе бидат достапни три вида документи, меѓу кои и таканаречените „Досиеја 6“, односно евиденции за обиди за регрутирање соработници.
Базата ќе може да се користи без регистрација, а пребарувањето ќе биде можно според име и други лични податоци.
Чех предупреди дека самото појавување на нечие име во евиденцијата не докажува дека лицето соработувало со тајните служби. Податоците може да укажуваат само на контакт со службите, вклучително и во случаи кога обидот за регрутирање бил неуспешен или лицето одбило соработка.
За да се утврди вистинската природа на односот со тајните служби, потребни се дополнителни истражувања и увид во досиејата за регрутирање. Документите содржат информации за подготовките за регрутирање, следењето на лицата, притисоците врз нив, текот на евентуалната соработка и нејзиното завршување.
Архивот ќе им овозможи на лицата чии имиња се појавуваат во документите, како и на нивните потомци, да достават исправки и дополнителни документи.
Чех се осврна и на изјавата што поранешниот премиер Миклош Немет ја доставил до архивот, а која се однесува на минатото на поранешниот премиер Виктор Орбан. Тој рече дека Немет лично ја предал изјавата, потпишана во присуство на неговите адвокати.
Архивот го третира документот како мемоарски запис и им го става на располагање на истражувачите. Сепак, Чех нагласи дека неговата содржина не е поткрепена со оригинални документи, докази или други извори.
Орбан вчера на социјалните мрежи објави документи за кои тврди дека докажуваат дека комунистичките власти го држеле под надзор него и неговата сопруга.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека со објавувањето на досиејата владата исправува пропуст од времето на демократската транзиција во 1990 година. Според него, за разлика од многу други земји во Централна Европа, Унгарија не ги објавила имињата на доушниците и лицата кои го одржувале комунистичкиот режим.
Маѓар оцени дека последователните влади во изминатите 36 години го спречувале објавувањето на досиејата.
Од опозицискиот Фидес, пак, пристигна критика. Шефот на пратеничката група Јанош Бока ја обвини владејачката партија Тиса дека објавува десетици илјади документи извадени од контекст и без анализа, со што, според него, не се придонесува за подобро разбирање на минатото.
Бока смета дека објавувањето има за цел да предизвика поделби во унгарското општество и да го одвлече вниманието од актуелните проблеми.
Тој додаде дека никогаш нема целосно да се дознае кој соработувал со комунистичкиот режим, од кои причини и на кој начин, бидејќи дел од документите се изгубени, уништени или сè уште се под доверливост.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Унгарија отвори дел од архивите на комунистичката…
Унгарија објави дел од достапните податоци од…
Унгарија најави откажување од руските енергенси до…
Унгарија планира да се откаже од руските…
Маѓар продолжува со чистката во Унгарија: Се…
Унгарската владејачка партија „Тиса“ ќе го поддржи…
Приведен поранешниот гувернер на унгарската централна банка,…
Поранешниот гувернер на Унгарската централна банка, Ѓерѓ…
Маѓар: Неприфатливо е никој да не биде…
Премиерот на Унгарија, Петер Маѓар, денес изјави…