Унгарија протерува 10 руски дипломати поради „неприфатливи активности“
Унгарската влада нареди 10 руски дипломати да ја напуштат земјата поради активности оценети како „неприфатливи за дипломати“.
Владата не даде дополнителни детали, но според медиумски и разузнавачки извештаи, Унгарија станала центар за активности на руските разузнавачки служби.
„Министерството за надворешни работи го информираше рускиот амбасадор во Будимпешта дека, според нашата проценка, 10 вработени во руската мисија биле ангажирани во активности во Унгарија кои се неприфатливи за дипломати според Виенската конвенција“, изјави унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан во објава на социјалните мрежи. Таа додаде дека Унгарија побарала од засегнатите лица да ја напуштат земјата.
„Ова не значи прекин на дипломатските односи со Русија. Унгарија има намера да продолжи со неопходниот дијалог, заснован на меѓусебно почитување и почитување на правилата“, рече Орбан.
Унгарската влада засега не одговорила на прашањето на „Еуроњуз“ дали наводните активности биле поврзани со шпионажа.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во вторникот изјави дека одговорот на одлуката на Унгарија да протера 10 руски дипломати „ќе биде остар и болен“. Таа ги опиша постапките на Будимпешта како дело на „русофобското лоби во Будимпешта“.
Експерти и официјални лица долго време предупредуваат за широката мрежа на руски шпиони во Унгарија, воспоставена во периодот на 16-годишното владеење на поранешниот премиер Виктор Орбан, кој одржуваше блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Минатата недела рускиот истражувачки медиум „Агенцтво“ објави дека најмалку 15 од 47 вработени во руската амбасада во Будимпешта имаат врски со руските разузнавачки служби, додека уште шестмина се осомничени за слични врски.
Владата на Виктор Орбан во повеќе наврати беше критикувана поради нејзиното непостапување во однос на активностите на руските разузнавачки служби во земјата.
Во 2022 година, истражувачкиот медиум „Директ36“ откри дека информатичкиот систем на унгарското Министерство за надворешни работи бил хакиран од руските разузнавачки служби ФСБ и ГРУ, кои со години имале пристап до чувствителни податоци. Владата првично го негираше упадот, но две години подоцна призна дека тој навистина се случил.
Владата на премиерот Петер Маѓар, која дојде на власт по убедливата изборна победа во април, вети дека ќе ја прекине блиската соработка со рускиот режим.
Експертот за надворешна политика и поранешен дипломат Иштван Сентивањи за „Еуроњуз“ изјави дека протерувањата се директно поврзани со шпионажа и претставуваат јасна промена на политиката на Будимпешта.
„Протерувањето на 10 дипломати е многу силен и јасен сигнал дека Унгарија не сака да биде центар на руското разузнавачко собирање информации во Централна Европа“, рече Сентивањи.
Унгарија минатиот месец усвои нова доктрина за надворешна политика во која Русија е идентификувана како закана за безбедноста на земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Унгарија протерува 10 руски дипломати поради „неприфатливи…
Унгарската влада нареди 10 руски дипломати да…
Од јахти и приватни авиони до десетици…
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар и неговата…
По 19 години стагнација: Минималната старосна пензија…
Од 1 јануари, најниската старосна пензија во…
Унгарија отвори кривична истрага за кредитот од…
Унгарските власти вчера соопштија дека отворија кривична…
Маѓар: Унгарија сака мир, затоа ѝ се…
Унгарија во денешниот несигурен свет има потреба…